|
172
ШУТИРАЊЕ ПО ЦЕВАНИЦИ
02.10.2007
Телевизиската сцена кога вториот по моќ човек во државава,
Мендух Тачи, и вториот човек на полицијата, Рефет Елмази, уличарски
и садистички го малтретираат, на физички и психички начин,
стаписаниот и во некаков ходник во заседа фатениот бивш министер за
образование, Азиз Положани, го демаскира режимот на Груевски подобро
од каква било опозиција или парламентарна комисија за утврдување
одговорност. Таквите сцени на сосема незауздано и просто манијакално
насилство кое го применуваат најмоќните луѓе во државата не само што
наполно ја разголуваат природата на актуелната власт туку и
застрашувачки зборуваат до кој степен е брутализирано нашето
општество.
Она што дополнително ја разголува силеџиската природа на режимот е
притаениот и дотолку поодвратен сегрегационистички (а често и
расистички) однос кон Албанците. “Нек се тепаат, тоа збори за
нивното предполитичко ниво на развој.” Можеби за вмровските кругови
тој лицемерен однос е како “доброутро”, општо позната “невидлива”
работа, но во случајов на физичка пресметка меѓу највисоките
албански политички авторитети работата ја надраснува слатката мала
партиска тајна и зборува за длабоката патологија на дел од нашето
општество, и тоа токму оној дел кој во моментов жестоко медиумски е
контролиран од власта. Мој впечаток е дека некои “јавни работници”
кои најбесрамно ù служат на Владата на Груевски и Тачи, се истите
тие кои го шират сегрегационизмот во однос на албанското малцинство
во Македонија. Затоа работава не е за зафрканција и сеир.
Што се однесува до позицијата на Тачи и ДПА, може да се гледа од
најмалку два ракурса: поотраканите македонски националисти во власта
сигурно е дека го презираат недоделканиот и брутален главен
коалиционен партнер. Тачи може да се прави дека тоа не го гледа:
битно е поданиците (вклучувајќи ги тука и новинарите за изнајмување)
да поднаведнат глава и да бацат рака. Кој тука е понижениот а кој
понижува - не е ни битно. Битно е дека губиме сите ние, дека
отстапуваме пред еден деспотски концепт на владеење. Впрочем,
казната за политичкото дивјаштво ЕУ нема да им ја испорача на Тачи и
Ахмети туку на македонската држава.
Затоа и предупредуваме, постојано, и од разни страни.
Но, на сите добронамерни укажувања кои доаѓаа изминатава година (на
пример, дека власта мора да биде во прв ред демократска, праведна и
инклузивна, а не да тера одмазди и тесногради партиски и криминални
агенди), Груевски одмавнуваше со глава. Изминатава година само во
колумнава најмалку во шест-седум наврати се осврнував на проблемот
на зголеменото насилство кај нас. И велев дека, со оглед на реалната
заостанатост на нашето општество, дури и во случај на идеална (толерантна
и просветителска) власт, ние одново ќе имавме многу проблеми, но
тенденциите ќе беа поинакви, во насока на решавање, а не на
продлабочување на проблемите.
Нашата власт - и ова го констатираат сè повеќе внатрешни и
надворешни проследувачи - не само што не се ни обидува да ги реши
најкрупните прашања на земјава, туку стана главен произведувач на
напнатост и нестабилност, главен произведувач на, според мене,
најголемиот македонски проблем: брутализацијата на целокупната
култура (на однесување, живеење итн.).
Кај нас моќта, силата сама по себе, стана неспоредливо поважна од
целта. Да можете садистички и неказнето да газите некого по нозе е
сто пати повозбудливо отколку да правите некакви апстрактни и никому
потребни судски реформи (чуму судови во земја кајшто целата моќ
извира од договорот на најнарцистичкиот Македонец и најбруталниот
Албанец?!). Да ја имате неограничената слобода да ги понижувате и
малтретирате ем политичкиот противник ем новинарите (а најслатко е
тоа да го правите со “механизмите на правната држава” и
“институциите на системот”, од типот “Алфи”, тесни собраниски
ходници и наплатни рампи) е задоволство што не може да ви го
надомести некакво влегување во ЕУ.
Се разбира дека цехот за игнорантноста и насилството ќе им дојде на
Груевски и на ВМРО, како што во застрашувачки порции деновиве им
доаѓа на ДУИ и ДПА. Се разбира дека СДСМ исто така до ден денешен ги
плаќа своите стари сметки, оти до гуша е вграден во најголемите
затки на ова општество, од кајшто смрди до небо: исчезнувањето на
речиси сите јавни сервиси, на пример (претворањето на МРТВ во руина
и национален и државен срам не ќе да е само дело на актуелната власт
која, вистина, ја злоупотребува МРТВ со помалку суптилност дури и од
комунистите, со кои несреќно е опседната).
Некои работи сепак влеваат надеж. Новинарите (иако голем дел од нив
директно зависат од милоста на режимот) успееја да се солидаризираат
и да упатат многу силна порака до насилниците, и во власта и во ДУИ.
Влева надеж и што ЛДП станува сè посериозен демократски актер на
нашава биполаризирана политичка сцена. Можеби навременоста,
сериозноста, прецизноста и конструктивноста на критиката со која
настапува таа партија нема брзо да се валоризира низ гласови, но
јавната тежина и кредибилитетот на ЛДП би требало да расте, особено
во ситуација кога не ù се гледа крај на манихејски разгорената борба
меѓу ДПМНЕ и СДСМ. Проблемот на ЛДП е проблемот на Македонија:
речиси половина од граѓаните го презираат целокупниот политички
живот и сите партии комплет. Таквата ситуација е катастрофална за
демократијата, но во моментов ù одговара на власта. Само што ни
оддалеку не ù ветува добитнички предвремени избори.
|