|
173
СРЦЕ ОД ЦИГЛА
09.10.2007
“Да се пишува, исто така значи да не се зборува. Тоа значи да
се молчи. Значи да се завива без врева”, велеше Маргарет Дирас.
Тие зборови понекогаш ми се утеха пред бесполезноста на јавниот чин,
особено во општества налик на нашево, каде што секој шапшал кој
зграпчил малку власт мисли дека со него почнува и завршува светот.
Помеѓу подаништвото на народот и тоталитарните тенденции на неговите
водачи навистина е многу тешко да се вметне влијателна јавна сфера
во која пишувањето ќе биде нешто повеќе од тивко завивање.
Понекогаш нашата држава ми наликува на државите од Третиот свет кои
многу често се претвораат во специјални апарати за принуда и во
приватен претприемачки потфат, а не на државите кои во Европа се
развиваат по 17 век. Можеби причина за тоа е што кај нас (веројатно
и на целиот Балкан) идејата за национална држава делумно е влезена
преку колонијалните односи. Кога локалните елити стекнале контрола
над државнииот апарат тие на некој начин го преземале колонијалниот
однос меѓу државата и општеството. Затоа кај нас општество речиси не
постои; имеме поданици и имаме држава. Ја немаме животно важната
поврзаност помеѓу комуникативната моќ на јавниот живот,
административната моќ на политичкиот систем и правно обврзувачката
сила на законот. Цврстиот политичко-правен јазик тоа го искажува
уште попрецизно: “Онаму каде што постојат нормативно делотворни
устави секоја автономна јавност, дотолку ако никого не исклучува и
на правно гарантиран начин придонесува за обврзувачките одлуки, е
силна јавност. Силни се сите дебати коишто темелноправно се
загарантирани и организацискиправно се испреплетени со политичките
одлуки на народот и неговите органи. Во тој случај можно е да се
зборува за структурна поврзаност помеѓу комуникативната моќ на
јавниот живот, административната моќ на политичкиот систем и правно
обврзувачката сила на законот.”
Зошто велам дека кај нашиве ситни оперетни владетелчиња постојат
тоталитарни тенденции? Токму зашто не разбираат ни “Д” од
демократијата, од поделбата на власт, од заштитата на сите можни
малцинства (па и политички), зашто постојано со водење на
македонската држава се вежбаат незрели, суетни и ситни личности
произлезени од бескрупулозните партиски борби произлезени, пак,
директно од улицата, т.е. од народот, од нас, од нашата многу ниска
политичка и општа култура.
Има ли подобар доказ за мизерните демократски капацитети на
најновава трагикомична власт од нејзиното непризнавање на
претседателот на државата? Како тоа си го замислил Груевски? Дека
неговиот легитимитет (300.000 коалициски освоени гласови на избори,
речиси исто толку колку освои и ДПМНЕ под Љубчо Георгиевски во
катастрофалниот пораз 2002 година) е апсолутен и тотален легитимитет
над сите други легитимитети во земјава? Над собранието, над сите
партии, над претседателот, над јавноста, над сите малцинства,
етнички и други, над аполитичните, над оние 50% граѓани кои
секојдневно го тераат во мајчина целиот наш политички систем кој
дозволи недоветни и арогантни пилиштарци петнаесет години да ни
бидат премиери?! (Ги спомнувам политичките гласови не зошто ме
импресионира степенот на поддршка - напротив, популизмот често е
знак на опасни и ретроградни политики - туку зашто сегашниве власти,
кастрациски опседнати со мерење на барометрите, како единствено да
го разбираат аргументот на големината и силата.) Како замислил
Груевски да ги почитувам неговите даночници, цариници, полицајци итн.
- ако тој (заедно со својот идеолошки ментор, Мендух Тачи) не го
почитува мојот претседател избран со гласовите на 500.000 луѓе, ако
добро се сеќавам, во оној многу деликатен миг од поновата македонска
историја, по смртта на Борис Трајковски, кога, како ретко кога
изминативе седумнасет години, граѓаните навистина се сплотија околу
потребата да имаме претседател? Како Груевски тоа, повторувам, си го
замислил? Бугаринот не го признава јазикот, Србинот црквата, Гркот
името, а вмровецот, ни повеќе ни помалку, не го признава
претседателот на Република Македонија?!
Тоталитарните тенденции на најновава власт, значи, се гледаат ем во
желбата партиски да се контролира секој општествен сегмент, ем во
гротескниот култ на водачот кој околу Груевски го плетат
многубројните прислужници и фарисеи. Фрчкоски во една колумна имаше
убоито прецизна дијагноза на менталитетот на партиските слуги
распослани по Собранието и државава; парафразирам: “Да им кажеше
Љубчо на своите парламентарци да отидат да се фрлат во Вардар, сосе
пљачки, тие тоа ќе го направеа”. Истото се случува и сега со
Груевски. Командува со сè: од културниот живот во земјава, преку
амбасадорите, до Судскиот совет. Или тотално (т.е. тоталитарно), или
ништо! А поданиците, жедни за власт, завидливи кон козата на
комшијата, сиромашни и фрустрирани, го следат водачот надевајќи се
на по некои колаче (кога веќе нема леб) од трпезата.
Фанатичната и сè поопасна партизираност во Македонија, како и
зголемената атмосфера на насилство која ги ништи поединците,
креативноста и слободољубивоста, ме потсетуваат на една сцена на
големиот современ драмски писател, Хајнер Милер, кога еден лик му го
нуди срцето на друг лик. Откако со ноже некако ќе го извади
великодушно понуденото срце, вториот лик е вџашен: “Па тоа е цигла.
Вашето срце е цигла”. А првиот лик ладнокрвно одговара: “Да, но чука
само за вас”.
|