|
174
ПСИХОПАТОЛОГИЈА НА ОМРАЗАТА
16.10.2007
Омразата што ВМРО ДПМНЕ ја чувствува спрема својот најголем
политички противник, СДСМ, е една од константите на македонската
политика изминативе седумнаесет години. Иако таа омраза во значајна
мера е рационална и разбирлива, ми се чини дека е мошне лошо
нејзиното влијание врз целокупните односи во Република Македонија.
Особено е поразително за развојот на земјата влијанието на таа
омраза во периодите кога ВМРО е партија на власт.
Борбата, инаку, е суштина на политиката. Сликата на непријателот е
втемелувачки политички чин. Не мислам, значи, дека политиката е
можна без борба и без емотивна мобилизација и хомогенизација. Но,
мислам дека видот на омразата што ВМРО ја негува кон СДСМ (и која,
сакале-нејќеле, се возвраќа, зашто омразите се заразни) драматично
го попречува демократскиот развој. Дека тоа мислење (за среќа!) го
делат и нашите ментори и тутори од САД и ЕУ, покажаа реакциите на
голема загриженост по собраниските инциденти и постојаното
инсистирање на разумен “политички дијалог”.
Во овој текст, со помош на современиот американски психоаналитичар,
Ото Кернберг, ќе се обидам да ги дофатам поскриените психолошки
аспекти на политичката омраза кај нас. Главна теза на текстот,
психоаналитичарски (но и политички!) релативно лесно докажлива, е
дека омразата на ВМРО произлегува од трајната фасцинираност и
обземеност со СДСМ. Притоа, не сакам да ја жигосам ВМРО како партија
обземена со патолошка омраза, зашто некои други политички патологии
се особеност на СДСМ. Го ставам фокусот врз ВМРО исклучиво зашто тие
се партија на власт и зашто омразата што се емитува од страна на
власта е најопасна. Освен тоа, ВМРО својата зрелост ќе ја потврди
тогаш кога ќе се ослободи од својата негативна фиксираност врз СДСМ.
И не само тоа: за македонската демократија е битно СДСМ утре да не
стане она што беше ВМРО вчера и што сè уште е: фрустрирано и со
заговори опседнато дувло на не претерано политички пресметливи луѓе.
Ете од тие неколку причини денешниот текст се занимава со
психопатологијата на омразата.
Клинички гледано, интензитетот на агресивните афекти - раздразеноста,
лутењето или гневот - е во груба корелација со нивната психолошка
функција: да се обнови автономијата, да се отстрани препреката за
посакуваниот степен на задоволство или да се отстрани или уништи
изворот на длабоката болка и фрустрацијата.
Најтешкиот и најдоминантниот од афектите кои заедно ја сочинуваат
агресивноста како нагон е комплексниот нагон на омраза. За разлика
од лутењето или гневот, омразата е хронична и стабилна. Главната цел
на оној што е опседнат со омраза е да се уништи сопствениот објект
на омраза, специфичниот објект на несвесната фантазма и свесната
слика за тој објект; во основа, објектот е и потребен и посакуван,
па така и неговото уништување е подеднакво потребно и посакувано.
Разбирањето на тој парадокс е во средиштето на психоаналитичарското
истражување на тој афект. Се разбира, омразата не секогаш е
патолошка; како реакција на реалната опасност од физичко или
психолошко уништување, закана за опстанокот на себството и на
саканите, омразата е нормална разработка на гневот насочен кон
отстранување на таквата опасност. Но, несвесните мотивации обично ù
се придодаваат на омразата и ја засилуваат, на пример при потрагата
по одмазда.
Примитивната омраза добива и форма на труд да се уништи потенцијалот
за задоволувачки човечки однос и да се научи нешто вредно во
меѓучовечката интеракција. Во основа на потребата за уништување на
стварноста и комуникацијата во интимните односи веројатно стои
делумно несвесната, делумно свесната завист спрема објектот, посебно
спрема објектот со кој слична омраза не завладеала, смета Ото
Кернберг.
Ученичката на Фројд, Мелани Клајн, прва ја издвоила зависта спрема
добриот објект како значајно обележје на пациентите со тешка
нарцистичка психопатологија. Таа завист дополнително ја компликува
потребата на пациентот да ја уништи сопствената свесност за неа, со
цел да не се разоткрие неговиот ужас поради жестокоста на неговата
омраза спрема она што тој, всушност, го цени кај објектот. Зад
зависта спрема објектот и потребата од уништување и расипување на
сето добро што би можело да произлезе од меѓусебниот допир лежи
несвесната идентификација со објектот којшто едновремено се мрази и
кон кој се чувствува потреба.
Желбата за понижување е уште една манифестација на омразата.
Опсесивно-компулзивниот пациент сака да управува со другите и да
доминира над нив за да може да се чувствува заштитен од
заканувачките изливи на агресивна бунтовност и од хаосот во другите,
а сè со цел да може да ја спроведе својата идентификација со
објектот што се мрази и својата проекција на неприфатливите,
потиснати аспекти на сопственото себство.
Нагласувам, за крај: ВМРО денес, од позиција на сила, речиси е во
состојба да избира каква опозиција ќе си направи самата себеси. Во
слична позиција беше и СДСМ во средината на деведесеттите;
застрашувачкото ВМРО на Љубчо Георгиевски во голема мера беше творба
и на арогантниот и семоќен СДСМ. Ако денес ВМРО, олицетворено во
мошне непријатните кавгаџии Бичиклиски и Боцевски (низ кои, да не се
лажеме, вентрикулистички зборува врховникот лично!), продолжи со
сеењето омраза, рeзултат ќе биде примитивна и нестабилна политичка
сцена која не само што ќе оневозможи нормални избори туку и
долгорочно ќе ја закопа иднината на нашата земја.
|