|
175
ШИРУМ ОТВОРЕНИ РАЦЕ
23.10.2007
Сега сме сосем во шумот
на говор што се моли,
сега е сокрушен умот,
сега се душите голи.
Сега е длабок зборот
и тој со шепот цели.
А нешто шуми во дворот
и нешто нејасно вели.
(Блаже Конески, Шепот)
Приказната за Тоше не е уморна. Напротив. Неговата приказна е една
од најинтересните современи приказни и, како што сега стојат
работите, таа кај нас допрва ќе се развива, допирајќи многу нивоа на
нашето живеење: општествено, политички, културно, историски. Во таа
приказна, заправо, ќе се сосредоточуваат свесните и несвесните
слоеви на нашата стварност, сеќавањата, копнежите, поттиците и
инхибициите на многу луѓе, а пред сè на оние кои генерациски беа
блиски до Тоше.
Мислам дека на тоа генерациско рамниште Тоше Проески ќе остави
најдлабока трага, не само поради силината на митската енергија што
зрачи од легендата за него, туку и зашто генерацијата на младите
родени во седумдесеттите и осумдесеттите всушност немаше свои јасно
препознатливи генерациски симболи. Ниту, пак, таа генерација има
некакво препознатливо место во општествово кое, на ниво на приказни
и митови, ем сè уште не е доволно одвоено од дамна упокоената СФРЈ,
ем не е способно да создава нови, доволно јаки и привлечни точки на
препознавање кои би нè обединувале и генерациски и меѓугенерациски.
Се разбира, проблемот е двоен: општеството е мочуришно застоено, но
и младите како ништо да не прават да ја променат страшната
парализираност во која тонеме сите заедно толку години.
Повеќе-помалку тие нови генерации конформистички ги прифаќаат
регресивните владеачки матрици (третокласна и партиски фанатизирана
политизираност, малограѓанштина, себичност, слаба работна култура,
ниски потенцијали за здружување, недоволни знаења, општа
нељубопитност и апатија), обидувајќи сè што понезабележливо да се
вклопат во парохијалниот провинциски поредок (оние што не сакаат да
се вклопат, исто така тивко си заминуваат или пропаѓаат во бунарите
на сопствената нереализираност).
Митот за Тоше, велам, би можел да влее некаква енергија во
спласнатите генерациски едра. Тој мит треба да овозможи да го
афирмираме гласот наместо разгласот; оти ние сме средина во која
разгласот ги обликува душите и мозоците, а не гласот, персоналноста.
Зборот персона, впрочем, и значи (per-sono, со глас) издвоен глас,
препознатлив звук што се издвојува од шумот, од мрморењето, толпата
и какофонијата. Тоше во најдлабоките слоеви на значењето беше токму
глас, извонредна особеност, но од нас зависи дали неговиот митски
глас ќе го претвориме во разглас на лелекањето и немоќта.
На својот блог младиот писател Букарски, токму од генерациски ракурс,
го спореди Тоше со Бајрон. Ми остави впечаток споредбата, зашто
Бајрон со својата прерана смрт (умира на 36 години) како да
навестува една сосема нова ера, на брзината и на поинаку сфатениот
простор; Бајрон умира 1824 година, а првата патничка локомотива се
појавила 1825-та. Бајроновиот дух, забележува Камил Паља, како да се
преселил во брзата машина. Бајрон и самиот бил свесен за својата
брзина и за својата ветровитост; брановидното треперење на ливадата
е невидливо чекорење на ветрот; развигорот што Бајрон го еманира е
оној дух на младоста што ја проветрува историјата и што толку многу
ќе влијае на европската и американската култура.
Како што вели Паља: “Русо го измисли современиот култ на детството;
Гете го популаризираше Русоовиот адолесцент со хировити
расположенија. Но, Бајрон беше оној што ја создаде гламурозната,
секси младина со дрска, пркосна енергија, новото отелотворено во
харизматичното сексуално лице. Во таа смисла, Бајрон го навестува
новото доба на брзината. Младоста е брзина во чувствено минлива
форма.”
Кога веќе зборуваме за ветровитоста на Бајрон, сакам токму во таа
точка да ја продолжам споредбата со Тоше кого луѓето, по смртта, по
неговото одвојување од земјата, го доживуваат како ангел, како нешто
што одлетало во некој полесен и подобар свет. Во древните времиња на
човековото воздигнување, поезијата започнала како музика, а музиката
започнала како танц. Танцот често ù се спротиставува на силата на
гравитацијата. Балерините на земја стојат збивајќи ја сета тежина во
најситната точка, допирајќи го тлото најмалку што е можно. А она
движење со ширум отворени раце, кое беше толку карактеристично за
Тоше (како да сака да го прегрне сиот свет), е движење коешто своето
потекло веројатно го влече од барокните дворци, а кое всушност
сугерира крилја, порив да се полета и презир кон површината на
земјата.
Тој гест, на човек со ширум отворени раце, кој во секоја секунда е
спремен да полета, го прави Тоше уметник во најчистото, посветено,
значење на зборот. И покрај тоа што самиот се сомневаше во
сопствената уметност (иако големиот сомнеж токму е карактеристика на
големиот уметник), ми се чини дека никој на нашава културна сцена со
таква посветеност не ја живееше својата уметничка страст. Така што,
и од тој агол, на посветеноста и предаденоста на своето дело, Тоше
Проески може да биде блескав пример за помладите, но и прекор за
сосема застарените сфаќања за културата и уметноста, сфаќања кои кај
нас сè уште преовладуваат.
Се надеваме, значи, дека брзината, посветеноста, страста, вештината,
љубезноста, љубопитноста и трудот, особености кои толку благородно
се сплотуваа во нашиот сега веќе митски пејач, нема да останат
скината страница туку дека ќе станат нови важни генерациски обележја
кои ќе ја променат уморнава земја.
|