|
176
ИНЦИДЕНТИ И СИСТЕМИ
31.10.2007
Многу пати, во разни варијанти, во колумнава сум повторувал:
“културата е важна”. Пред две недели, со смртта на Тоше Проески,
целата нација беше заплисната со речиси неверојатната емотивна
потврда на тривијалната мудрост: “културата е важна”.
Но, она што мене ми е тешко разбирливо во нашиот менталитет е речиси
тоталното отсуство на системска свест, или ако сакате, на политичка
свест, онаа свест која врз основа на силните настани, емоции, борби,
разговори, се обидува да создаде нови и поинакви човечки и
општествени состојби.
Да појаснам: Тоше Проески беше човек од културата. И тоа од онаа
сфера на културата која култур-трегерите и снобовите ја сметаа за
безвредна, а која се нарекува популарна култура. Во таа сфера
спаѓаат телевизијата, филмот, рокенролот, стрипот, модата итн. Во
Македонија на државно ниво таа сфера главно се игнорира, освен во
ретките ситуации кога поп-културата се злоупотребува за исклучиво
национално легитимирање.
Поп-културата, инаку, е систем. Мошне комплексен и противречен
систем - но систем, околу кој и во кој се водат можеби клучните
современи цивилизациски борби (на пример, познато е дека ЕУ делумно
е создадена и поради тоа за на полето на на поп-културата да се
намали американската надмоќ).
Умните земји целата проширена културна сфера ја нарекуваат со
збирното име: културни индустрии. Културните индустрии последниве
триесетина години на Западот му носат целосно стопанско
преструктурирање, постојан стабилен раст и предност во однос на
конкурентните култури и економии.
Еден пејач не е систем. Само во системот на поп музиката постојат
цела низа поврзани и меѓузависни фактори; за да имате добра музичка
сцена потребни се современи тонски студија со вешти сниматели;
потребни се музички школи; добри композитори и текстописци;
компетентни медиуми и критичари; концертни сали; сали за вежбање,
особено за млади бендови; различни манифестации; потребни се цели
чети стилисти, менаџери, режисери, фотографи...; потребен е систем
на дистрибуција и добри дискографски куќи; заштита на авторскиот
труд; потребни се постојани контакти со странските автори и трендови...
Итн.
Кај нас никого не го интересира усогласувањето на целата музичка
сцена, која, пак, се разбира, е поврзана со другите културни
индустрии: телевизијата, филмот, графичкиот дизајн, печатените
медиуми... Се трошиме во емотивни изблици и во сосема непродуктивни
фрлања на пари, честопати само за да си ја намалиме грижата на
совест заради немањето осмислена културна политика.
Сосема ми е неприфатлива теоријата дека уметник како Тоше Проески се
раѓа еднаш во сто години. Верувам дека стотици извонредно
талентирани луѓе во разни области постојат во нашата земја. Но, не
постои систем кој ќе ги препознае и негува таквите луѓе. Можеби на
сто години се случува среќата наспроти системот човек како Проески
сепак да успее да ги допре врвовите на она што го работи. Но, кога
би постоел систем, несомнено би имале многу повеќе успешни и
препознатливи личности во јавниот живот.
Еве го најновиот пример за погрешна интервенција на државата во
сферата на културата: Владата има намера да потроши половина милион
евра за два издавачки проекти: 60 книги од македонската книжевна
историја и стотина книги на Нобеловците (патем се најавуваат и нови
крупни државно диригирани издавачки потфати). Наместо државата да
создава амбиент (меѓу другото, да, и со стимулации, зашто на олку
мал пазар со трагично ниски културни потреби, строго пазарното
работење е невозможно), таа грубо и одозгора, токму според
централистичките и патерналистичките навики од социјализмот,
пропишува што треба и како треба. Притоа, ништо не е осмислено! На
пример, што значи тендер при објавувањето сто книги?! Имате
преведувачи што преведуваат една страница за едно евро, а има и
такви кои наплаќаат десет евра од страница; исто е со уредниците,
лекторите, коректорите, рецензентите, дизајнерите, печатниците...
Квалитетот чини! Ако оваа загрижувачки преовладувачка ситнопиљарска
логика која ионака ја задушува целата земја, се пренесе и во сферите
на тн. “висока култура” - отидовме по ѓаволите! Дајте му, во тој
случај, на Велија Рамковски да ги издаде шеесетте тома македонска
книжевност, како што го реиздаде Мисирков!
Наместо, велам, системски да се осмисли една нова политика за
поддршка на македонското издаваштво (што теориски не е многу тешко:
поттикни ги добрите, обесхрабри ги лошите; но, што во случај кога
сета моќ е кај лошите!?), се прават козметички и маркетиншки потези
кои ќе ù направат трајни штети на ионака речиси дотепаната
посериозна македонска културна продукција.
Издаваштвото е сложен систем, поврзан со книжарите, библиотеките,
печатниците, медиумите, академскиот свет, авторите, преведувачите,
дизајнерите, лекторите... Владата постои за да го усогласи тој
сложен свет, да го унапреди и да се обиде да го постави на здрави
нозе, и во културна и во економска смисла. Не е сè во трупањето пари
на маса. Сведоци сме дека во нашата земја изминативе петнаесет
години повеќе милијарди евра, и буџетски и донаторски пари, беа
фрлени залудно, во неразвојни и често коруптивни проекти.
Незанемарлив дел од тие залудно фрлени пари отидоа токму во
културата. Многу работи нè обврзуваат да го подигнеме гласот против
таквата (кусогледа, поткуплива, провинцијална, церемонијална,
неразвојна и неразумна “купи-ден-помини”) политика.
|