|
178
ТЕВТОНЦИ, МАКЕДОНЦИ И ГРЦИ
13.11.2007
За глупоста на Македонецот на ова место сум пишувал често.
Сум пишувал пред сè за глупоста на официјалниот Македонец,
владетелот што сите нè претставува. За таа чудна, во историјата
изгубена фигура на случаен владетел, којшто од кој знае какви
непредвидливи виори паднал врз престолот како мртва жаба од небо,
уште 1835 година Токвил пишува како за фатална фалинка на
демократијата. Токвил во славното писмо кон Стјуарт-Мил тврди дека
клучната работа за демократијата не е толку во тоа да се изнајдат
начини народот да владее, туку во тоа народот да ги избере
најспособните за владеење. “Сосема сум убеден дека од тоа решение
зависи судбината на нациите”, вели Токвил. Но, петнаесет години
подоцна тој согледува дека ваквото саморегулирање на демократијата е
неуспешно: “Она што најмногу ме вџашува во земскиве работи воопшто
не е учеството на големите луѓе во нив, туку попрво влијанието кое
често го вршат најспоредни историски ликови”.
На другата страна од глупоста на владетелите се наоѓа, разбирливо,
глупоста на “обичниот” граѓанин-поданик (“мојот сограѓанин со граѓа
на паганин”, вели Вулкански). Ни таа глупост не треба да се штеди,
зашто потенцијално е мошне опасна, посебно кога ќе се хомогенизира
во триумф на паланечката свест. А главна карактеристика на паланката,
според Радомир Константиновиќ, е духот на колективната волја кој нè
зема под свое, кој нè штити од сè, а пред сè од самите нас. Тоа е
дух кој му се противи на времето, кој е анти-историчен, на линија е
на налогот да ја прифати затвореноста како своја предност, како свој
сопствен избор. “Тоа е дух кој се обидува својата коб да ја
преобрази во своја привилегија.”
Деновиве, пак, гледајќи ги официјалните Грци како на сосема
апсурдниот спор за името трошат неверојатни политички и емотивни
ресурси - по илјадити пат сфатив дека глупоста е безмерна, дека
владеела отсекогаш и дека само нејзиното кралство е неспорно и вечно.
И сфатив, исто така, гледајќи ја монтипајтоновската сериозност со
која највисоките политички врвови на Атина се занимаваат со, за нив,
суштински сосема ирелевантно прашање, дека тешката и мрачна
балканска паланка е она што вечно ги сплотува двата трагикомични
“антички” народи, Македонците и Грците. Впрочем, еве што вели
славниот Бенедикт Андерсон за “древноста” на националната припадност
(која, според Андерсон, како “културен артефакт од посебен вид”,
настанува кон крајот на 18 век): “Што ако 'древноста', во определен
историски момент, била нужна последица на 'новоста'? Ако 'национализмот
бил, како што претпоставувам, израз на радикално изменетиот облик на
свеста, не требаше ли свесноста за тој прекин и нужното заборавање
на постарата свест да создадат свој сопствен приказ?”
Лудилото на откривањето сè почиста крв и сè подревни извори на
сопственото национално величие добро е познато во Европа, колепката
на расизмот и фашизмот. На пример, еден од главните идеолози на
нацизмот, Алфред Розенберг, ги контролираше сите праисториски
истражувања со намера да ја докаже супериорноста на ариевските
Германи. Хајнрих Химлер, со својот институт Ахненербе, кој беше
основан и дејствуваше во рамките на SS, исто така инсистирал да му
се признаат сите компетенции во областа на археологијата, сè со цел
да се пронајде колепката на германската раса.
А дека спорот меѓу Македонија и Грција, околу симболите, името и
древноста, е ендемска европска болест, покажува интересниот пример
од крајот на 19 век, кога англискиот историчар Едвард О. Фримен,
излегува со тезата дека потомците на Саксонците се единствените
вистински припадници на тевтонската раса. Митскиот германски јунак,
Арминија, англиските историчари го прогласуваат за англиски прататко
кој ги поразил римските легии во Тевтобуршката шума. Обата народи,
Англичаните и Германците, тевтонскиот племенски сојуз, Комитатус,
како и Тацитовата славна книга, Германија, ги прогласиле за
сопствено духовно наследство.
Вакви примери во европската историја има безброј, но ниеден од нив
не е издигнат на ниво на најважно прашање меѓу две самостојни држави.
Она што загрижува во догматските и фанатизирани грчки позиции не е
само неверојатната анахроност на ставовите (низ тие теми Европа
поминала во 19 век), туку и потенцијалната опасност од понатамошно
ширење на “идентитетското” лудило кое може да заврши крваво, како
што покажува историјата на Европа последниве стотина години.
Што можеме да направиме за да ја спречиме ескалацијата на лудилото?
Немам разумен одговор. Всушност, имам, но тој одговор изгледа сосема
нереално среде балканскиве паранои; на пример, со оглед на тоа дека
на Балканот многу тешко оди создавањето нации врз принципот на
територијата (оти кај нас владее “германскиот” принцип на крвта, на
генеологијата), можеби поумно би било да се свртиме кон клучните
обрасци на европската култура: баштината на римското право,
јудео-христијанската етика, ренесансниот хуманизам и индивидуализам,
рационализмот и просветеноста и, над сè, кон традицијата на
граѓанските права и демократијата. Според Ентони Смит, сето тоа го
сочинува заедничкото европско културно наследство пројавено на
различни места и во различно време, наследство кое меѓу европските
народи треба да создаде “сентименти на афинитетот”. “Токму тука”,
вели Смит, “мораме да ја бараме основата на еден културен
паневропски национализам кој, парадоксално, може да нè одведе
подалеку од нацијата.”
|