Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-200
8

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


179

СЕНО, СЛИВИ, КОЊИ И ИНДИЈАНЦИ

20.11.2007



Сè повеќе ми се чини дека проблемот меѓу Македонија и Грција не е само проблем на името, туку дека почнуваат да се развиваат подлабоки анимозитети на линијата господар-слуга, толку типична за старите балкански поделби, но актуелна и во новиве империјални односи наметнати од глобалната гео-политика и економија. Ми се чини дека (авто)деструктивната тврдоглавост почнува сè понеповратно да се вкоренува кај Македонецот (иако, вистина, не е од вчера нашиот “негативистички” корен: “можеби не знам што сум, но знам дека не сум Грк, Србин и Бугарин”).
Пред некој ден на ТВ ме изнасмеа откачениот Миленко Неделковски со тезата дека Македонецот во сите варијанти има двојна победничка стратегија: вин-вин! Ако го присоединат Бугарија или Грција - супер, еве нè во Европа; ако нè земе Србинот - супер, ионака бевме заедно 80 години; Албанија и Косово, за среќа, според Неделковски, немаат сила да ја окупираат земјава.
Иако шегиве на Миленко се прилично горчливи (зашто детектираат хронично и длабоко незадоволство од сопствената држава), тие ме потсетија на две впечатливи сцена од славната книга на Х. Л. Брејлсфорд, “Македонија”, објавена 1906 година; во првата сцена еден француски конзул во Битола на шега коментира дека кога би имал милион франци би можел да ги преобрати локалните Словени во Французи, смислувајќи приказна дека се тие наследници на Норманите од крстоносниот поход од 12 век; Брејлсфорд коментира дека Грците издвоиле многу повеќе пари за Македонија, а сепак ја изгубиле; во втората сцена, во охридско, Англичанецот и неколку локални момчиња се качиле на некоја од охридските тврдини; “кој го изградил местово?, прашал Брејлсфорд; “слободните луѓе”, одговориле момчињата; “а кои биле тие?”; “нашите дедовци”; “но, добро, што биле тие, Срби, Бугари, Грци или Турци”; “не биле Турци, биле рисјани”.
Подоцнежното формирање на македонската нација не е никаква историска бизарност; сите балкански нации се формирани во големо заостанување во однос на западноевропските нации. Кога, на пример, рускиот научник Јуриј Венелин ја посетил Бугарија во 1830, за да собере материјали за неговите пионерски историски и етнографски проучувања на бугарскиот народ, добил апатични и неми реакции на неговите прашалници. “Едвај да им било јасно што значело да се нарекуваш Бугарин”, вели американскиот историчар Марк Мазовер во книгата “Балканот”.
Од другата страна на понекогаш неблагодарните историски понирања, загрижува можноста повеќето лоши работи да ни се повторат; заплашува, на пример, игноранцијата на ЕУ спрема актуелниот и веќе долготраен проблем меѓу Грција и Македонија кој се заканува да стане хроничен фактор на дестабилизација. Дури би рекол дека токму еден од посериозните проблеми на ЕУ е грчкиот ползечки шовинизам кој има расистички елементи и чија основа е наполното негирање на какви било други етнички идентитети во Грција, освен грчкиот.
За ужасна жал, ми се чини дека, како многу пати изминатите векови, западните Европјани не само што нема да успеат навреме да ги препознаат опасните тенденции (па и кога доаѓаат директно од нивниот двор!), туку и дека ќе ги разгорат! Впрочем, ќе цитирам (пак откај Мазовер) само две типични изјави од втората половина на 19 век, кои најдобро зборуваат за односот на западна Европа кон своите “браќа” на истокот; австрискиот министер за надворешни работи, Андраси, во 1873 година своите источни соседи ги споредува со “диви Индијанци што може да се третираат само како нескротени коњи, на кои со едната рака треба да им се даде сено, а со другата стап”. Надвојводата Франц Фердинанд, пак, ја опишал Србија како земја на “арамии, убијци и по некое сливово дрво”.
Значи, како што тврдоглавоста на задоцнетите нации има свои историски причини, исто така има своја традиција денешната ароганција на несолидните дипломатски службеници од типот на фриволниот и безразложно самобендисаниот “композитор” Оли Рен.
Во секој случај, она што нам во моментов најмалку ни треба се дефетизмот и малодушноста. Врз принципиелни и стратешки долгорочни основи ќе треба да се доближат не само (судејќи според парламентарниот состав и јавните настапи) грубите и лошо водените СДСМ, ВМРО, ДУИ и ДПА, туку, што можеби е позначајно, цврст и посериозен одбранбен сојуз треба да склучат Албанците и Македонците, меѓу другото и зашто се меѓу најзаостанатите европски нации кои во моментов имаат сосема исти интереси: да не им робуваат на опасните регионални шовинизми и рамноправно да бидат третирани во пошироките регионални процеси.
Велам, не ни треба малодушност, дури и кога реално работите одат против нас. Сојузници, потенцијални и реални, имаме доволно. Освен тоа, како и сите мали балкански држави, така и Македонија, и во рамките на СФРЈ и како самостојна, веќе стекна завидно искуство во “политиката на осцилирање”.
Од огромна важност за нашата држава е и поддршката на САД, кои навистина немаат некакви посериозни хипотеки на Балканот, и оттаму можеби се еден од ретките политички фактори кои можат да придонесат за потрајно стабилизирање на важниот европски простор. Но, за вистинска консолидација на регионов сепак во прв ред е одговорна ЕУ. А стравот си го имаме зашто ја знаеме улогата на големите европски сили на Балканот, и во поновата и во малку поодалечената историја.