Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-200
8

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


180

СЛЕПАТА ТОЧКА

27.11.2007



Често ќе се осврнуваме на приказната за Тоше, ризикувајќи постојано да го преживуваме орфеевското чувство на загуба: после секое наше свртување предметот на копнежот (Евридика, Тоше...) одново да се враќа во темнината на подземниот свет? Можеби животот и се потврдува со вртењата наназад и со присуството на мртвите во светот на живите?
Се разбира, приказната за Орфеј и Евридика е премногу слоевита за да се сведува на едноставни поуки и затоа не сугерирам премногу; избирам малку неодреден и поетски јазик оти нашето крушевско момче допре некои интересни и длабоки жици на колективното несвесно кое може да се искажува само низ насетувања, нагли свртувања во празно, само низ митски замрзнати слики...
Во психоанализата постои таканаречениот парадокс на слепата точка, која мошне тешко може да се осветли зашто ја впива сета светлина и се храни со таа светлина којашто, по тешко разбирлива логика, ја претвора во сè погусти зони на мракот. Можеби приказната за Тоше е една од слепите точки што ја голтаат мижуркавата светлина на нашите безбројни копнежи што немаат никаква шанса да се остварат во ова очајно време и простор?
Брилијантниот (во осветлувањата што се сенчења:) француски филозоф Мишел Онфре вели дека претпоставката дека секој од нас ги знае своите темни страни значи најпроста самоизмама. Што има зад велот на другиот, па и зад нашиот сопствен, смета Онфре, можеме само да нагаѓаме: “треба да се претпоставува, пресметува, замислува, оти копнежот е спретен и ненадминат во преобразбите, така што битието во коешто опстојува го претвора во игралиште, во површина или простор за своите експерименти”.
Зборот ми е дека невидливите нешта некогаш се вистинските придвижувачи на луѓето и на историјата. Зборот ми е дека културата, во случајов популарната култура, некогаш може да биде многу потемелен менувач на општествените состојби отколку експлицитните политики. Општествената промена која доаѓа од презрените зони на “популарното” понекогаш претставува многу помоќен и потраен процес од радикалната, “револуционерна” општествена промена. Популарната промена е силна зашто ја црпи силата одоздола, ги ублажува грубите крајности на моќта, но и ги одржува самопочитувањето и идентитетот на луѓето. “Таа промена е прогресивна, но не и радикална”, вели теоретичарот на културата, Џон Фиск.
Популарната општествена промена стои во однос спрема радикалната политичка промена како што стои микрополитиката спрема макрополитиката. Нивниот однос воопшто не е едноставен, оти тие се преплетуваат на многу рамништа. Човечкиот свет на фантазијата (оној што се храни со ТВ сапуници, белетристика, фудбал, поп музика итн.) е главното упориште на микрополитиката, но истиот тој свет го напаѓаат и моќните пропагандни играчи на макрополитиката. Резултатот во најмала рака е комплексен: малите промени се случуваат паралелно со големите, слично како што желката во трчањето цело време го победува Ахила.
И самиот Фиск во книгата “Популарна култура” дава совети во насока на прифаќање и негување на малите промени: “Поскромните и понепосредните цели на прогресивноста можат да бидат и попрактични и попопуларни од покрупните и подалекусежни цели на радикализмот. Тие два модела на општествени промени не би требало да бидат меѓусебно спротиставени, бидејќи радикалните теории кои не можат да обезбедат популарна поддршка се осудени на неуспех, исто како што е неделотворна и популарната прогресивност која нема потенцијал да создава врски со радикалните движења во моментите на историски кризи или акутен политички антагонизам.”
Да се обидам да упростам и резимирам: голем е потенцијалот на наследството што ни го остави Тоше, и во психолошка и во културна и во политичка смисла. Зборувам за моќта на популарната култура оти во моментов друго како да немаме; ако веќе големата политика и официјалната култура ни се мртви до степен на баздење, што ни преостанува освен потенцијалот за промени да го бараме (малку очајнички, како што јас правам, низ текстов) во сферата на популарната култура, на митот и на колективното несвесно?!
Велам, Тоше, меѓу другото, е наш митски лик затоа што не се снаоѓаме најдобро во сегашноста, на “светлината”; зашто како општество немаме доволно капацитети да се менуваме, т.е. да создаваме современи водачи кои би одговарале на сè поголемите потреби на сè позабрзаното време кое поминува крај нас како фантазмагоричен ориент-експрес крај некој исто толку нестварен и вампирски темен вилает, сосема отаде “нормалниот земски свет”.
Дури, велам, ако и моите зборови се само зомбиевски баботења од зоната на самракот, сепак уште еднаш сакам да укажам дека по смртта на националната икона во општеството очекувам не само омекнување туку и повеќе меѓусебно разбирање, а пред сè повеќе разум; секаде каде што е ужасно, каде што е очајно и безизлезно да се потрудиме барем за еден степен да го намалиме мракот. Да зачистиме, да затоплиме (во секаква смисла!) и да се свртиме малку кон себе, оти таму се проблемите, но таму се и решенијата.