|
181
ВО КАЛТА, НА ДНОТО
04.12.2007
Македонското новинарство е во толку голема и длабока криза
што изгледа полошо дури од македонската политика. Низ годиниве,
наместо да биде сонда за истражување на општествените длабочини,
нашето новинарство рие по калта на најниските можни сфери на
опстојување, кајшто рибите се слепи, глуви, слабо подвижни и главно
го поминуваат животот вкопани во дното и зад камењата. Во една таква
дантеовска инка што ги мери гревовите низ степени на пропаѓањето,
велам, можно е македонските новинари да бидат дури по некој круг
подолу во пеколот од пословичните виновници за сè, политичарите.
Всушност, најверојатно е, сепак, дека ќе цврчат во истите казани,
политичарите и новинарите, зашто произлегуваат од една иста
застрашувачка матрица на владеење, во која едните на другите
симбиотички си се потребни, менувајќи се во улогата на паразити:
прво едниот го шмука и го грицка другиот, потоа другиот му возвраќа,
чистејќи го од другите гадинки-паразити што се прилепиле врз кожите
ко пијавици, или барем како бесплатно средство за транспорт, одмор
или заштита. И така патуваат, како некакви оклопени ајкули, носорози,
диви свињи (мутанти се тоа, хибриди настанати од недостиг на
светлина и од суровите услови за живот) и го тормозат сиот друг свет
на дното, со своите муцки, рилки, шила, со кои дури сврдлаат по
најодалечените дна, за да пронајдат уште пониски точки, да го
пронајдат “дното на дното”, што се вели.
Обидот дузина новинарски лешинари во некој чуден некрофилски обред
да ја распарчаат и прождерат менаџерката на Тоше, Лилјана Петровиќ,
е само врвот на ледениот брег на нашето мизерно мизерно мизерно
новинарство, кое со години го држи народот на најниските можни нивоа
на информирање, на култивирање и образување. Велам, тие главно
фрустрирани и морално и професионално сосема дезориентирани естрадни
новинари се, дури, најмалиот проблем на новинарството длабоко
патологизирано и во деталите и во големата слика. Зад тие несреќници
од Фокус, Шпиц, Вест итн. јасно се гледа децениската разорна работа
на “корифеите” на македонското журналистичко просташтво: Латас,
Никола Младенов, Јанко Илковски, Мирка Велиновска, Бранко Геровски,
Александар Дамовски, Горан Михајловски... Но, наброениве се исто
така делче од целата зафркната голема слика: влијанието на
пиљарските газди од типот на Велија Рамковски или Ѕинго изврши уште
подраматично и подеструктивно пропаѓање на какви било новинарски (ма,
макар морални, човечки, оние што ја допираат најобичната пристојност)
стандарди. Приватните хајки што ги води деновиве, на пример, Велија
Рамковски, уништувајќи ги последните остатоци од угледот на А1
телевизијата, е дел од она што го зборувам, важен дел од оние
единаесет дванаестини под дното (нагласувам, видливиот дел на
страшната санта е само соголена и јарка слика на тоа страшното
подоле, т.е. само бедна илустрација на општото пропаѓање се
естрадниве несреќници хиенски истопорени пред една скршена и во
голем траор жена - која дури и во таква состојба покажа повеќе разум,
чувства, достоинство, дигнитет и почитување од сите нив заедно).
Од друга страна, и тоа сите го знаеме, ниту Велија Рамковски, Веби
Велија, Ѕинго или Борис Стојменов, големите телевизиски газди, не се
баш целата слика. И зад нив стојат опскурните политички и финансиски
кругови кои диктираат снижувања, унижувања, паѓања и ползења.
Фамозната ни, пак, “држава” (ако мафијашко-партиските кланови можат
да се наречат држава) божем лови, со помош не медиумските загари,
затајувачи на даноци, без притоа со прст да мрдне пред сосема
разузданата пиратерија на дисковите на Тоше. Одвратно лицемерно
лудило, толку типично за Македонија и за овдешново сфаќање за ред и
поредок, но лудило кое, се разбира, има систем, и во кое една од
клучните улоги ја играат токму жестоко брутализираните медиуми кои
рушат сè пред себе за сметка на некое фрлено корче од големите
политички и финансиски газди. Најпосле, зарем од смртта на Тоше
најмногу (а некои на сосема бескрупулозен начин) не профитираа
медиумите, вклучувајќи ја и идиотската емисија на Анета Кочишки?
Како не се најде никој да го осуди исшмукувањето на сè поврзано со
Тоше, а ваму ја прибиваат на столбот на срамот неговата менаџерка и
ги бројат девојките и имотот на Тоше?! Одвратно до блуење, ама да
беше вака само за Тоше - ќе простевме. Оваа новинарска проституција
од најнизок вид трае најмалку десет години во континуитет, и се
засилува последнава година, а особено се засилува со лудачките
пропагандни маскаради на Владата која на ионака прекумерно
пропагандистичките медиуми им остави вечно зелено светло за
практикување на новинарството сфатено како финансиска и идеолошка
пропаганда, и ништо друго.
И пак велам: колку и да сме незадоволни од партиите, тие, вака или
онака, направија некои внатрешни прочистувања и за само петнаесетина
години постоење успееја да сменат неколку гарнитури и да
мобилизираат поинакви и нови општествени актери. Од друга страна,
целата стара “Нова Македонија” и “Вечер” и ден денес дрмаат низ сите
печатени гласила, и проблемот и не е толку што дрмаат туку што не
создадоа апсолутно никакви наследници. Постои ли барем едно
поинтересно новинарско и уредничко име што се појавило последниве
десетина години во печатените медиуми?
На крај, малку за мојата позиција: избирам не борба на фронтот (на
дното, во калта), туку герилска, “шумкарска”, на повеќе мали
фронтови, латерална, во некои други зони и “ареали”... Затоа и жалам
заради денешниов текст, но искушението беше посилно од стратешките
позиции...
|