|
182
СО ДЕЛА ПРОТИВ СУДБИНАТА
11.12.2007
Еднаш
Конфучиј го прашале што прво би направил кога би се наоѓал на челото
на една земја. “Би ја подобрил употребата на јазикот”, одговорил
мудрецот. Неговите слушатели се зачудиле. “Па тоа нема никаква врска
со нашето прашање”, рекле тие, “чуму воопшто служи подобрата
употреба на јазикот?” Мудрецот одговорил: “Ако јазикот не е добар,
тогаш она што се вели не е она што се мисли и тогаш она што требало
да се сработи не е направено; ако тоа остане несработено, тогаш се
расипуваат моралот и уметноста, а правдата ќе тргне по погрешен пат;
а ако правдата заталка, тогаш луѓето ќе бидат беспомошни и збунети.
Затоа, значи, не треба да се допушта самоволие во зборовите. Во тоа
е суштината.”
Во поукава на Конфучиј препознавам извонредно важен личен ориентир (или
“репер”; Лакан објаснува дека “репер” значи “татково”, “во однос на
таткото”; во име на “плуралното барање татко” ќе издвојам и еден
библиски момент кој вели нешто слично: “Пророкот којшто има некој
сон, нека својот сон го раскаже. Но, оној кој го има мојот збор,
нека правилно го употребува - оти, што е заедничко за сламата и
житото?”).
Велам дека Конфучиј ми е важен личен ориентир не само зашто
занимавањето со зборовите во голема мера го одредува и мојот
професионален живот, туку и затоа што сметам дека моралниот суд
секогаш во голема мера е и естетски. “Лошиот вкус води во злостор”,
велеше Бодлер. А целата историја, особено поновава историја на
комунистичкиот и фашистичкиот тоталитаризам, укажува дека
злоупотребата на јазикот секогаш е поврзана со злоупотребата на
човечките души и тела.
Затоа се трудам да бидам осетлив кон лажните и празни зборови кои
создаваат тапоглави идеологии-демагогии со намера да се пополни
јазот помеѓу духот и душата на современиот човек, на едната страна,
и стварноста, на друга. Се разбира дека празните зборови тој јаз
нема да го пополнат; само ќе придонесат целата општествена
конструкција забрзано да отиде по ѓаволите.
Ете, меѓу другото и од тие причини, на нерви ми одат лажливите
кампањи на македонската Влада и нивната манипулативна употреба на
зборовите и на вредностите што стојат зад зборовите. Таа празна
реторика од својот вредносен хаос создава една специфична владеачка
идеологија; еве неколку карактеристики на “идеологијата” што се
обидува да загосподари со душите на Македонците: церемонијална
религиозна вера придружена со морализирање, оперетен и “емотивен”
авторитаризам, младешки но веќе демагошки фанатизам, ароганција до
степен на насилство, политика сфатена како манипулација... Приближно
тој чуден микс е идеологијата на неискусните и запрепастувачки моќни
младинци-министри собрани околу својот прв министер кој е
квинтесенција на таа идеолошка каша-попара.
Ќе се обидам да бидам конкретен макар во еден детаљ. Деновиве
медиумите објавија дека во околу 5000 сообраќајни несреќи годинава
досега загинале 154 луѓе (30% повеќе од минатата година) и биле
повредени околу 5000 луѓе. Ваква информација, особено ако бројот на
несреќите ескалира од година во година (а ескалира, драматично, како
и многу други драматични бројки во општествово, на пример бројките
за сиромашните, невработените или болните) за секоја Влада во светот
би претставувала - тревога! Човечките животи се бесценети, но и
влупните општествени загуби се застрашувачки: неколку илјади
унесреќени и оштетени семејства, неколку илјади луѓе што
дополнително го притискаат полураспаднатиот здравствен и социјален
систем, неколку илјади скршени коли во земја која има најзастарен
возен парк во Европа и во практика најниски еколошки критериуми...
Ако ваквите ескалирачки трендови продолжат, ќе се случи во следните
пет-шест години во Македонија во сообраќајки да загинат неколку
илјади луѓе, повредени ќе бидат неколку десетици илјади, а
материјалните штети ќе изнесуваат милијарди евра, и тоа во една од
најсиромашните европски земји...
За споредба, Хрватска има два и пол пати повеќе жители, барем пет
пати поголем возен парк и веројатно десет пати поразвиена патна
мрежа. И притоа Хрватска има помалку сообраќајки, загинати и
повредени... Но, и покрај тоа, цела Хрватска е мобилизирана на секој
можен начин, за да се зголеми сигурноста на патиштата! Новинарите,
полицијата, судството, лекарите и, се разбира, политичарите, имаат
иста цел зашто себеси се гледаат на дното на Европа, во однос на
грижата за луѓето и нивната сигурност. А ако има зона под дното - е,
таму сме ние.
И во таква една состојба, наместо длабински и во широчина да го
поправа целокупниот систем (од културата на возење, начинот на
давање дозволи, до полицијата, сигнализацијата, квалитетот на
патиштата и возниот парк, сè до учителите, лекарите, новинарите...)
нашата Влада прави кампањи, како невладина организација! Шминка
мртовци! Лакира гнилежи! Создава Потемкинови села!
Несреќите не паѓаат од небо и не се судбина. Дури мислам дека гревот
лежи токму онаму каде што луѓето туку-така & се покоруваат на
судбината. Сообраќајките не се судбина, како ни секојдневното
ескалирачко насилство. Против насилството, глупоста, болестите и
мизеријата - мораме да се бориме! Голем дел од луѓето во Македонија
не треба да се бедни и сиромашни и не треба следната година да
загинат од куршум или во сообраќајка. Одговорните за тоа за уши
треба да ги влечеме пред табла (на чело со посочените
министри-младинци) и сите заедно од своето опкружување да создаваме
попријатно и побезбедно место за живеење, а не за чаталење и лажење.
|