Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-200
8

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


184

ЗА ГРДОСТА И КРЕАТИВНОСТА

25.12.2007



Зголемувањето на буџетот за програмски активности во полето на културата е одличен потег на Владата. Уште и ако тој извонреден гест биде придружен со чесно и компетентно одлучување и со добро администрирање на проектите и парите, тогаш ползата од вложување во културата за општеството ќе биде темелна и повеќекратна.
Сегашната состојба во културата е блиску до катастрофа и таа состојба нема да ја извадат никакви пари, колку и да се големи, туку длабоки стратегиски промени. Талентираните поединци кои успеваат наспроти системот (или кои системот ги одржува во живот како парадни коњи на националната кауза) ја замачкуваат подлабоката вистина: Македонија нема апсолутно никаква културна стратегија, ниту генерална, на ниво на поврзаноста на “креативните индустрии”, ниту поединечна, по сектори.
Ќе потсетам како Британското министерство за култура ги дефинира креативните индустрии: “...Тоа се оние активности чиешто потекло е во индивидуалната креативност, во знаењето и талентот и коишто имаат потенцијал за создавање богатство и за креирање нови работни места низ производство и експлоатација на интелектуалната сопственост”; тука се вклучени: огласувањето, архитектурата, изработката и дизајнот на мебел, модната облека, филмот, видеото и другата аудиовизуелна продукција, графичкиот дизајн, образовниот и рекреацискиот софтвер, живата и снимената музика, изведувачките уметности и забавата, телевизијата, радиото и интернетските преноси, визуелната уметност, антиквитетите, пишувањето и издаваштвото.
Го спомнувам британскиот модел за креативни индустрии не само зашто тој е мошне влијателен во европските културни политики, туку и за да укажам на потполната застареност на нашиот “секторски” културен модел кој не ги следи современите општествени потреби и текови. Во ЕУ се поттикнува интердисциплинарното поврзување, а не секторското одвојување. Таму човечката креативност сè повеќе се обединува, а некогаш спротиставените наука, уметност и индустрија денес се поврзуваат.
За среќа, и кај нас некои работи се менуваат, но стихијно. На пример, на некакво регулативно или барем статистичко ниво никој не се занимава со мошне експанзивната индустрија на огласувањето, поврзана со медиумите, графичкиот дизајн итн. Грубите претпоставки се дека само во таа индустрија во Македонија годишно се вртат над педесет милиони евра.
Во неодамна изработената студија на ЕУ, “Економијата на културата во Европа” (студија која треба да биде темел за стимулирање на понатамошниот економски раст на европскиот културен сектор), се посочува дека придонесот на културниот и креативниот сектор во 2003 година бил 2,6 проценти од европскиот бруто општествен производ; тоа е еден од најголемите индустриски сектори во Европа со остварен приход од 654 милијарди евра. Тоа е значително повеќе од целата автомобилска индустрија која во 2001 година остварила 271 милијарди евра. Дури и европските економски “херои”, ICT произведувачите (информатичките и комуникациските технологии) заостануваат со остварените 541 милијарди долари во 2003 (податоците се на Европската комисија). Секоја напредна економија денес се врти кон креативниот сектор, пред сè заради работните места кои “си заминуваат” во земјите во развој.
Кај нас малубројните компетентни и посветени креативни луѓе повеќе мислат како да избегаат од земјава отколку да се обидат да живеат од своите вештини и знаење. Како што се повлекуваат и исчезнуваат умните и софистицираните, така грдоста околу нас од ден на ден сè повеќе расте; грдоста на грубоста, на лошите навики, лошото воспитување и образование, сиромашниот јазик, непостоечките културни потреби, застрашувачката урбанистичка и архитектонска запуштеност, валканоста, неспособноста, мрзливоста, глупоста и насилството толку жестоко го задушуваат општествово што ѕвонат последните аларми пред нашето цивилизациско самоуништување.
Предновогодишното панаѓурско Скопје (најзапуштениот и највалканиот европски главен град во кој на Бит Пазар отскоро се продава добиток, а среде плоштадот имаме нешто ко рингишпил) е жив симбол за таа стравотна грдотија во која тонат сите естетски стандарди! Всушност, пропаѓа самата суштина на градското, на полисот, на, во крајна линија, демократското! Сè што е комунално, заедничко, што е зона на некаква колективна, па и државна, па и национална култивираност, е сосема во распаѓање! А штом малкуцка се повлечете од зоната на заедничкото кон “приватната” зона, веднаш упаѓате во многу посолидни простори: пристојни кафеа, негувани дворови, убави станови, пријатни луѓе...
Ете, и од тие причини, мошне е важно сосредоточувањето врз културните и креативните аспекти на нашето живеење и преиспитување на досегашните граници помеѓу уметноста, бизнисот, образованието и науката, помеѓу профитниот и непрофитниот сектор, помеѓу економската, социјалната и културната политика...
На пример, од перспектива на културните и креативните индустрии уметникот е генератор на економски вредности. Тоа кај нас изгледа како лош виц, оти токму нашиот естаблишмент (особено новокомпонираниов) сосема ги одвојува економското богатство и моќ од културното богатство и моќ. Сè уште премалку луѓе кај нас знаат дека суштината на развојот лежи во знаењето и во развивањето вештини, и дека смислата, содржината, стилот, идеите, плановите, приказните, концептот, дизајнот, модата... се клучниот придвижувач на економијата.