Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-200
8

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


185

ПОВРЗАНОСТА КАКО ИМПЕРАТИВ

08.01.2008



Две интернационални телевизиски реклами ми оставија впечаток за време на новогодишните празници: едната е кога луѓето одат по градските улици свечено спакувани како божиќни или новогодишни подароци; поттекстот е дека едните на другите ние сме си најдобар дар; втора е рекламата со „умножувањето на гушкањето“, кога урбаната осаменост наеднаш волшебно се претвора во љубов и блискост не само со еден човек туку со цела толпа топло расположени лица.
Мојата желба за годинава во која штотуку зачекоривме, значи, оди во таа насока: што повеќе поврзување, што повеќе споделување, емпатија и одговорност за другите. Желбата, се разбира, нема да се оствари туку-така, зашто, прво, многу општествени тенденции одат токму контра поврзувањата и споделувањата, а, второ, и зашто поврзувањето бара огромен труд: довербата се гради макотрпно, а се руши за секунда, како кула од карти.
Намерно сум двосмислен кога зборувам за поврзаноста и блискоста меѓу луѓето. Едната димензија на поврзаноста е приватна и интимна, но другата, социјалната, и се’ повеќе економската, не само што станува мошне значајна во новиот културно-општествен светски поредок, туку продира и во светот на приватната меѓучовечка поврзаност!
Ќе се потрудам да објаснам. Минатиот пат зборував за важноста на креативните (или културните) индустрии. Во новите капиталистички односи граѓанското искуство почнува, за среќа или несреќа, да се доживува и како потрошувачко искуство. Како потрошувачи ние сме заинтересирани за удобноста, убавината и цената. Како граѓани, нам во прв план ни се слободата, вистината и правдата. Но, денес слободата и удобноста, вистината и убавината, правдата и цената, се’ повеќе се интегрираат токму низ создавањето лични идентитети во кои без јасни граници се преплетуваат потрошувачот и граѓанинот.
Креативните индустрии се обид да се дефинираат новите комплексни движења во економијата и културата и, всушност, нивниот преплет, зашто се’ повеќе се замаглуваат поделбите помеѓу „креативните уметности“ и „културните индустрии“, помеѓу слободата и удобноста, јавното и приватното, комерцијалното и државното, граѓанинот и потрошувачот, политичкото и личното.
Креативните индустрии се важни и во политичка, т.е. во идејна и терминолошка смисла, оти живееме во време кога старите лево-десни идеологии се претворени во урнатини. На пример, некогашниот термин „културни индустрии“ (кој денес е речиси синонимен со терминот „креативни индустрии“) подеднакво го привлекуваше презирот и на левите и на десните: левите се згрозуваа над популарните весници, филмови, списанија и музика (кои, според традиционалните левичари, ги одвраќаа масите од класната борба), а десните ја мразеа популарната култура зашто таа одбиваше да се поклонува пред вредностите на аристократското или „високо-националното“ наследство. Денес и левичарите и десничарите завршуваат во гранките на креативните индустрии (како и во сферата на јавната политика), сфаќајќи дека некогашните културни и политички агенди и императиви денес речиси се бесполезени. Денес дури и тврдокорните левичари на Запад почнуваат да се ангажираат во сферата на креативните индустрии со оправдание дека практичниот ангажман не е алтернатива на некогаш славната „критичка анализа“ туку нејзин резултат; а креативните индустрии не претставуваат откажување од критиката туку нејзина примена.
Каде во целава приказна е битна поврзаноста меѓу луѓето, и на личен и на културен и на деловен и на меѓунационален план? Суштината на модерниот развој е интердисциплинарноста и усогласувањето на наизглед различните сектори. Креативниот талент и индустрискиот погон се организираат и комбинираат, спојувајќи разнородни гласови, во функција на развојот. Но, не само тоа: денешниот развој веќе не е само економски туку е подлабоко општествен и демократски (меѓу другото и затоа се толку силни западните притисоци Македонија суштински да се демократизира); новите концепти во деловноста, управувањето и технологијата служат за да вклучат што повеќе луѓе, региони и активности. Тоа ја разликува новата економија на креативните индустрии од старата индустриска економија. Само зголемувањето на бројот на чинителите го унапредува демократскиот културен развој. Новата економија, на пример, во голема мера зависи од иновациите, а тие, пак, зависат од разновидноста, отвореноста, социјалната и глобалната меѓузависност, кумулативниот (не револуционерниот) напредок и од експериментирањето.
Замислете колку многу кај нас би се намалила моќта на владата и на „центарот“ кога луѓето одоздола би биле подобро организирани, и локално политички, но и културно, по цехови, кластери, интерсекторски и интердисциплинарно... А со вака запуштен и разбиен народ се разбира дека без големи потешкотии можат да манипулираат современите банди од партиски, економски или гангстерски тип (добитна комбинација е спојот меѓу овие три типа тајфи олицетворен во власта која ги контролира сите текови во општеството).
Затоа се враќам на почетокот и повторувам: моќта е во здружувањето! И на приватен и на деловен план, но и на планот на општествената одговорност. Нека 2008 година биде почеток на некои пофини „капиларни“ поврзувања во нашата земја, поврзувања кои за неколку години, кумулативно, ќе успеат да стопат позначаен дел од сантите во кои подолго време е замрзната нашата надеж.