|
186
МАНДАТИ ЗА КОМАНДАНТИ
15.01.2008
Неколку пати на ова место ја пофалив Владата на Груевски за
грижата спрема образованието и културата. Таа грижа најмногу се
гледа низ зголемените буџети за тие важни ресори, но и низ
програмската важност на тие ресори во рамките на целокупната
политика на сегашнава Влада.
Во текстов (во три продолженија) ќе укажам дека, и покрај добрите
намери, грижата за толку сериозни и деликатни општествени области,
какви што се културата и образованието, не може да се сведе само на
финансиска поддршка. Впечаток е дека сегашната Влада премногу се
расфрла со пари и со „оставање впечаток“, а не со суштински промени.
На пример, добро е што е зголемен буџетот за издаваштво, но многу е
лошо што Владата почнува да се меша во директната продукција на
книгите. Таквиот „модернизам“ можеби беше карактеристичен за
Македонија од 1945 до 1990, но денес таквите „командни“ политики не
само што се депласирани туку се и контрапродуктивни. Сосема е
заталкана во времето идејата високо државно тело да финансира 60
македонски важни книги, да финансира едиција „Нобеловци“ и една
обемна теориска едиција на книги кои служат како наставни средства
во САД (така некако, нејасно, без вистинска разработка, идејата ù
беше тупната на јавноста). Тоа веќе не се прави така! Не можат
фантомски државни комисии за потребите на мигот да се претвораат во
издавачки претпријатија! Пред сè зашто таквите ад хок политички
творби лошо ќе го сработат зададеното. Освен тоа, неосмислениот упад
ќе создаде толку лоша енергија во борбата за пленот (даночните пари)
што дополнително ќе се влошат ионака доволно лошите односи во
издаваштвото во Македонија.
Изворот на проблемот, уште еднаш, по илјадити пат од
осамостојувањето (но сосема во духот на презрениот социјализам што
божем го напуштивме, а во кој токму ВМРО со своите командни политики
- необјасниво, перверзно, можеби од некои повисоки воспитни побуди?!
- постојано ни ги брца главите како во септичка дупка) - е немањето
вистински професионални и независни актери во целава каша-попара.
Конкретно, кога вистински немате (па ни во традицијата) големи
издавачки вертикали, значајни уредници или барем претприемачки
авторитети - тогаш лесно е да се наметнат државни тутори. Во
авторитарна култура, навикната на команди, списоци и задачи, просто
се добродојдени министри и премиери кои, ете, баш знаат кои книги ù
се неопходни на Македонија во претстојниот период!
Ќе дадам пример. Со години еден искусен издавач објавува автори кои
добиле Нобелова награда. Издавачот така и конкурира во годишните
конкурси на Министерството за култура: „за 2008 го пријавувам
преводот, кој и да е, на добитникот на Нобеловата, кој и да е“. И
Министерството одобрува пари за таа зихерашка издавачка политика.
Годинава конечно друг издавач го разбива премолчениот „монопол“ на
искусниот издавач. Се разбира, искусниот издавач е навреден, но
достоинствено ја голта навредата, со мали кулоарски цимолења. Го
кажувам примеров не за да го жигосам искусниот издавач (кој сигурно
е еден од најдобрите директори и издавачи во нашата не премногу
славна издавачка историја), туку да укажам на една перверзна
ситуација: голем е оној уредник или оној издавач кој, на пример,
добитникот на Нобеловата награда го објавил пред овој да ја добие
наградата! Инаку - чуму ни е воопшто знаење, осет, следење на
работите, деловно ризикување, воопшто чуму ни е издавачка политика
кога Нобеловиот комитет ни ја кажува?! Во таква ситуација
најнормално е лично премиерот да го преземе печатењето на „Нобеловците“.
Што, па, да не?! И, стварно, токму како во драма на апсурдот, од
годинава, на генијалниот поттик на премиерот (или некој нему близок)
некаква државна комисија (налик на оние од 1946 година) ќе ги
преземе „Нобеловците“!
Сакам да укажам дека 90% од издавачите, а можеби и над 90% од
политичарите, не сфаќаат дека ваквата културна политика е глупа,
тоталитарна и самоуништувачка! Таквата политика во крајна линија
имплицира дека издавачи не се ни потребни, освен како технички
извршители; направете список на педесетина клучни светски награди за
белетристика и публицистика - и ете ти феноменално издаваштво! Тоа,
приближно, е сфаќањето што го демонстрира сегашнава Влада со
нејзините неумесни плеткања, но тоа е и сфаќањето на голем број
македонски културни работници. Како што ќе рече Комитетот! Сигурно
тие најдобро знаат, не?!
Шегата на страна, работата не е за смеење. Еден од најголемите
издавачки приоритети на Република Македонија, на пример, години
наназад, е Толковниот речник на македонскиот јазик. Институтот за
македонски јазик е под директна ингеренција на државата. Ете шанса
за хероите од кабинетите! Конечно да се сработи најголемата срамота
на македонската култура! (Блаже Конески со тројца соработници го
заврши Речникот за 10 години; сегашниот Институт, со неспоредливо
поголеми технички и кадровски ресурси, за неколку децении не може да
стигне ни до половина од Речникот. Вистината е, за жал, дека
квалитетни книги денес се уште помалку веројатни во продукција на
државата. До тоа дереџе дојдовме кога дури и некои книги на МАНУ
вријат од дилетантски грешки - уреднички, лекторски, печатарски...
Повеќето книги, пак, во продукција на поединечни факултети во
рамките на универзитетот се невидена бофл стока, направена исклучиво
да се симулира некаква работа или јубилеј - книги наменети директно
за „Комуна“, за рециклирање, за можеби во некои други инкарнации да
добијат поблагородна хартиена форма.)
|