|
187
НЕФОРМАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ
22.01.2008
Реков минатиот пат и повеќе пати овде сум повторувал дека е
добро што Владата ги зголемува буџетите во областите на културата и
образованието, но дека тоа воопшто не е доволно доколку се нема
јасна стратегиска политика во тие области. Минатиот пат зборував за
хаотичната Владина политика во сферата на издаваштвото. Денес ќе
зборувам за воведувањето задолжително средно образование и за
опасноста тоа да се претвори или во мртво слово на хартија или во
уште едно буџетско одлевање кое нема суштински да ја промени климата
во општеството оти, едноставно, работата не е добро испланирана.
Несомнено дека идејата за што поширок образовен опфат, сама за себе,
е добра. Проблемот е во нашиот контекст, во неподготвеноста
квалитетно да се реализира една толку изискувачка идеја. На пример,
опфатот на деца во основното образование, кое кај нас е задолжително
со децении, изнесува само 83%. Земете ја Хрватска, која има
неспоредливо поквалитетен (поопфатен, подисперзиран, децентрализиран,
со поголема традиција итн.) образовен систем, но таму сметаат дека е
прерано за воведување задолжително средно образование.
Мојата втора забелешка, поврзана со страгегиите во образованието,
можеби е повеќе теориска: иако сегашната власт остава впечаток дека
е неспоредливо „помодерна“ од неколкуте претходни Влади на СДСМ,
впечаток е и дека знаењето на нашите главно млади властодршци за
современите светски (политички и други) трендови е запрепастувачки
површно. Ќе кажам неколку збора токму за образованието.
Точно е дека модернизацијата на школството во 21 век е заснована врз
големото ширење на формалните институции, но точно е и тоа дека дури
и максимално усовршените институции не можат во потполност да
одговорат на потребите од иновативни, креативни, прилагодливи и
љубопитни граѓани-потрошувачи кои, меѓу другото, се мотор на новите
економии. Важни политички и културни теоретичари согледуваат дека
таа централно регулирана модернизација (во која Македонија нагласено
живееше речиси 50 години) ненамерно има негативно влијание врз тоа
какви типови знаење треба да се пренесуваат, како и врз пошироката
општествена желба по знаење. Еве што вели влијателниот Чарлс
Ледбитер (кој пишува за Фајненшел Тајмс, Њу Стејтсман и Гардиан и
кого го прогласуваат за „најомилен корпорациски мислител на Тони
Блер“):
„Таквиот пристап спрема модернизацијата зацврстува еден во основа
конзервативен пристап кон образованието како знаење кое го
пренесуваат организации со стриктни хиерархии и строго поделени
професионални дисциплини. Во ваквата култура можеме да препознаеме
две традиции: традицијата на образование по манастири како затворени
складишта на знаење во форма на скапоцени ракописи, и традицијата на
Тејлоровата фабрика која го застапуваше стандардизираното знаење,
лесно за репродукција. Резултат на ова е систем кој претставува
необичен хибрид од фабрика, засолниште, библиотека и затвор.“
Ледбитер смета (можеби на трагата на субверзивниот Фуко, но сосема
во функција на новите корпоративни идеологии) дека знаењето веќе не
може толку строго да се затвора, хиерархизира и класификува, туку
дека во новото време функцијата на образованието е пред се’ да
предизвика снажна потреба за постојано учење:
„Суштината на образованието не треба да биде всадување на одреден
сегмент на знаење, туку развивање на способностите: основните
способности како што се писменоста, јазичка и математичка, како и
способноста за одговорно однесување спрема другите, преземање
иницијативи и креативна и кооперативна работа. Најбитната способност,
и тоа е онаа која традиционалното образование најмалку успешно ја
развива, е способноста да се продолжи со учењето, како и потребата
да се продолжи учењето. Премногу школување ја убива желбата за учење.“
Ете затоа мислам дека Груевски на образованието, како и на многу
други важни работи, му приоѓа површно и парадно. Точно е дека можеби
клучниот македонски проблем е ниската образованост, но дел од тој
проблем е економската неупотребливост на формално образованите.
Нивното знаење или не постои или е застарено, а желбата за ново
учење е „убиена“. Не само газдите на фирмите се соочуваат со тој
голем проблем, туку и самиот Груевски! Не мислам дека премиерот мора
да биде експерт по се’ живо, но тој околу себе нема доволно умни и
компетентни луѓе. Кој ги осмислува извонредно важните реформи во
образованието, културата, здравството?! Анонимни луѓе, луѓе главно
без биографии, вечно скриени зад лажникавиот авторитет на власта и
титулите. И имаме реформи и закони какви што имаме: повеќе внесуваат
хаос и блокада на целиот ионака полумртов систем, отколку што
придонесуваат за некаква ревитализација.
Што се однесува конкретно до образованието, еден од мошне успешните
одговори на образовните предизвици даде токму Владата на Тони Блер:
едноставното проширување на формалниот образовен систем не е целосно
решение. Како што вели Џон Хартли, потребно е учењето да стане
дистрибуиран систем, посветен на креативноста, иновативноста и
потребите на секој поединец; таквиот систем треба да претставува
мрежа која ќе поврзува најразлични места, од семејните кујни до
деловните состаноци кои се случуваат со појадок, спојувајќи ги
кафулето, училницата и работната средина. Поединците и семејствата
треба да преземат поголема одговорност за сопствените образовни
потреби, а образовни услуги можат да пружаат и јавни и приватни
организации; целите ќе бидат одредени од потребите на клиентите, а
не заради формалните дипломи.
|