|
188
УБЕДЕНОСТ ИЛИ ОДГОВОРНОСТ
28.01.2008
Несомнено дека Владата на Груевски, како што нагласува тој
самиот, има сосема различен стил на владеење од претходната Влада. И
во голема мера тоа е добро. На многу рамништа нам ни е потребен
дисконтинуитет, понекогаш и радикален, но на многу, пак, други
рамништа, континуитетот е прашање на опстанок. И тука настанува
големото политичко прашање: што треба да остане, да се негува и
развива, а што треба да биде почистено од историската сцена како
раскашавен снег од тротоар.
За жал, ми се чини дека дури и во однос на целите (а средствата се
секогаш дискутабилни), Владата на Груевски не делува како
веродостоен реформатор. Го велам ова од една крупна причина:
примарна цел на сегашната номенклатура не е да ги подобри
општествените перформанси туку да се задржи на власт, колку што може
подолго. Таа намера „се гледа од авион“ и тоа е најлошата особина на
сегашнава Влада, која дури и првата година од владеењето ја
искористи за ширење популистичка демагогија. Што ли допрва не’ чека,
воочи циклусот избори?!
Втора важна работа што не зборува добро за начинот на владеење на
сегашната власт е нескладот помеѓу „етиката на убедувањето“ и „етиката
на одговорноста“. Од Макс Вебер навака знаеме дека ова прашање е
можеби најсуштинското политичко прашање, особено суштинско за оние
што владеат (се разбира, Вебер ни во еден момент не ја поистоветува
етиката на убедувањето со неодговорност, ниту етиката на одговорност
со непостоење на уверувања; тој само укажува на една извонредно
важна политичка динамика која со својата напнатост трагично го обои
целиот 20 век; во таа смисла Вебер испадна сосема несфатен пророк -
причина повеќе и денес да го исчитуваме со внимание).
Самиот Вебер во славната книга „Повиканост за политика“ се
повикуваше на старите христијани, но и на Упанишадите, за да укаже
дека со светот владеат демони и дека оној што се впушта во политика,
т.е. во примена на силата како средство, склопува сојуз со
дијаболични сили. Клучната теза на Вебер е дека од доброто не
произлегува само добро, а од злото само зло, и дека оној што тоа не
го гледа во политичка смисла е дете.
Убеденоста, страсната вера во сопствените ставови е многу моќна
работа во политиката, работа која владетелот знае да го искачи на
огромни и застрашувачки силни бранови што тркалаат се’ пред себе. И
токму затоа, како некаков баланс, за владетелите е од извонредна
важност етиката на одговорноста која треба да ја смирува понекогаш
фаталистичката убеденост. Sine ira et studio (без бес и наклонетост),
велеше Тацит, издвојувајќи ја непристрасноста како главна доблест
при мислењето и владеењето.
Според Вебер, пак, трите најважни одлики за политичарот се: страста,
чувството за одговорност и мерката. Клучот е во нивната комбинација,
во добрата избалансираност. Тие одлики произлегуваат од базичната
поука која Вебер му ја дава на секој оној кој е макар во близина на
политиката: „Темелен факт што произлегува од целокупната историја е
дека конечните резултати на политичкото дејствување често - речиси
редовно - се наоѓаат во сосема неадекватен, често токму парадоксален
однос спрема својата изворна смисла. Се разбира, смислата не смее да
се изгуби: да и’ се служи на стварта, оти инаку дејствувањето ја
губи својата внатрешна потпирка.“
Актуелниот македонски премиер во досегашното владеење многу често се
размавтуваше со една впечатлива и убедлива етика на убедувањето, но
дека поседува и некаква етика на одговорност покажуваше само во
ситуации кога беше максимално притиснат, и тоа од актери значајно
посилни од него (ЕУ и САД). Примената на сила е легитимна за оној
што владее, но силата не смее да се претвори во единствена метода на
владеење. Последица ќе биде вжештено и брутализирано општество,
кајшто секој начекува некого и кајшто сите зазираат од сите. А тоа (жолчната
убеденост во сопствените ставови, сеедно дали се етнички, политички,
религиозни итн.) во мигов е најголемата опасност за Македонија.
Тој стил на управување, се разбира, во поцивилизирани контексти не е
прифатлив ниту политички, ниту етички. Лично сметам дека дури и во
естетска смисла „теророт на убеденоста“ е неподнослив. И самиот
Вебер, впрочем, сметал дека ако воопшто постои нешто „вулгарно“,
тогаш тоа токму е последица на употребата на „етиката“ како средство
на „непопустливоста“.
Вебер сепак како најголеми политички гревови ги издвојува
необјективноста и неодговорноста. Суетата често ги тера луѓето кон
обете грешки. „Необјективноста го наведува политичарот наместо кон
стварната моќ да се стреми кон блескавиот привид на моќта, а
неговата неодговорност го наведува да ужива во моќта заради самата
нејзе, без содржајна цел. Бидејќи, иако, или попрво: токму зашто
моќта претставува неизбежно средство, а стремежот кон моќ една од
придвижувачките сили на политиката, не постои попогубна деформација
на политичката сила од малограѓанското фалбаџиство со моќта и од
суетната самодопадливост во чувството на моќ, и воопшто во секое
обожување на моќта како таква. Политичарот кој тежнее исклучиво кон
моќта, што и кај нас е горливо практикуван култ, можеби дејствува
снажно, но неговото дејствување оди во насока на празнината и
бесмислата“, вели Макс Вебер.
Многу заплашува и се‘ повеќе и на сите страни остава катастрафални
последици интелектуалното и моралното ниво на нашите сегашни моќници.
Затоа и во иднина ќе мораме да ги потсетуваме на некои основни
општествени и политички работи за кои, меѓу другите, пред повеќе од
еден век пишуваше и Макс Вебер.
|