Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-200
8

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


189

МЕЃУ ТРЊЕТО И ЅВЕЗДИТЕ

05.02.2008



...Беше паметен во техниката, трговијата и науката, но вон овие жаришта на својата енергија беше тивок и лажлив како мочуриште.
Роберт Музил, Човек без особини


Широката еманципација што, од своето западно средиште, засилено се одвива последниве педесетина години речиси низ целиот свет, не’ научи дека човечките општества се под доминација на мажите. Особено феминизмот се трудеше да докаже (и се’ уште тоа го докажува!) дека жените по многу нешта се второрангирани во однос на мажите и дека нивната општествена позиција е потценета.
Последниве дваесетина години мошне нагласено, значи, трае процесот на јавно жигосување на машката надмоќ и паралелниот процес на поголема женска застапеност во распоредот на моќта. Тој процес треба да се поздрави, се разбира, и да се поддржат сите придвижувања што реално придонесуваат за порамноправен однос меѓу половите.
Но, денес нема да зборуваме за рамноправноста тука за разликите меѓу мажите и жените низ призмата на еволуционата психологија. Станува збор за една релативно нова научна гранка која се обидува да го разбере човечкото дејствување и односот на културата (сфатена најшироко) спрема човечкото однесување, а во светлина на најновите истражувања за еволуцијата.
Во поглед на нашата тема последниве децении светот драматично се промени: се’ до шеесеттите години општеството ги прифаќаше мажите како норма, а жените како малкуцка инфериорна варијанта. Седумдесеттите ја прокламираа рамноправноста, но веќе од осумдесеттите, особено на Западот, низ стереотипите почнува да преовладува мислењето дека жените се подобри од мажите.
Предизвикувачкиот американски психолог Рој Ф. Баумајстер се обиде да се фати во костец со современите стереотипи за мажите и жените. Една од основните тези на Баумајстер е дека природата многу повеќе се коцка со мажите отколку со жените. „Сакате да мислите дека мажите се подобри од жените? Тогаш погледнете го општествениот врв – хероите, пронаоѓачите, филантропите итн. Сакате да мислите дека жените се подобри од мажите? Тогаш погледнете кон дното – кон злосторниците, наркоманите, губитниците. Во една важна смисла мажите се навистина многу подобри, но и многу полоши од жените.“
Баумајстер, проучувајќи ги половите, конечно го сврте малку погледот од врвот (кајшто, знаеме, се мажите) кон дното; а на дното речиси нема жени! Осудениците на смрт, бездомниците, злосторниците, најлошо платените или најризичните работници... речиси по правило се мажи! Меѓу загинатите на работа во САД 93% се мажи. Меѓу загинатите војници во Ирак има само 62 жени во однос на над 3000 загинати американски мажи (иако војската на САД последниве децении направи многу за жените да ги вклучи во воените редови).
Тоа е еден важен податок за тоа како културата се користи со мажите. Сите култури имаат потреба од високоризични потфати и за тоа се спремни да понудат високи општествени награди. Повеќето култури за тие ризични потфати ги користат мажите, заштитувајќи ги жените. Според Баумајстер, културата ги оспособува групите да бидат повеќе од прост збир на членови. Културата може да се смета и за биолошка стратегија. Дваесет луѓе кои во шума работат заедно, во еден културен систем, делејќи ги информациите и распределувајќи си задачи, ќе живеат подобро (ќе опстојат и подобро ќе се репродуцираат) отколку ако истите дваесет луѓе во истата шума работат секој за себе, индивидуално.
Но, да се вратиме на она што ги разликува мажите од жените: тоа е мотивацијата, вели Баумајстер, а не способноста. Едно поново истражување при кое се користеше анализа на ДНК, дава многу интересен податок: денешните луѓе на планетата потекнуваат од гените на два пати повеќе жени отколку мажи! Во текот на историјата имало 80% жени и само 40% мажи кои успеале да се репродуцираат. Повеќето мажи што кога било живееле, значи, немале наследници кои денес се живи. Затоа, заклучува Баумајстер, било нужно мажите да ризикуваат, да истражуваат нови можности, да бидат креативни... Природата и културата ги поттикнале мажите на авантури, а жените на сигурност. Животот на едно место гради онолку за колку што на друго место скршил доволно камења.
Резимето е следно: во термините на биолошкиот натпревар мажите ги надминале жените, и меѓу губитниците и меѓу добитниците (фактот дека меѓу нашите предци имало само 40% мажи укажува на тоа дека некои од тие мажи имале навистина многу деца, можеби по неколку стотици). Културата ги користи мажите со цел општествата да можат да се справат со разните типови несигурност: социјална, егзистенцијална, биолошка. Како што вели Баумајстер, „во улогата на мажот е вградена опасноста дека нема да биде доволно добар за да биде прифатен и почитуван, па дури и опасноста дека нема да биде толку добар за да создаде наследник“. Таквата несигурност, се разбира, уништува многу мажи, ги крши и ги фрла на општественото дно. Но, едновремено таа несигурност ги стимулира мажите и од аспект на културниот систем таа е корисна.
Ете, тоа е едно од можните објаснувања зошто мажите се многу позастапени во политиката, уметноста, религијата, науката, технологијата, военото дејствување, трговијата, медицината... Се разбира, постојат и многу други причини, биолошки и културни, кои придонесуваат за разликите меѓу мажите и жените... За дел од тие други причини, но и за важните напнатости меѓу природата и културата, кои управуваат со нашите животи, ќе напишам нешто повеќе следната недела.