|
191
TERRA NULLIUS
19.02.2008
Цивилизираната нација е свесна дека правата на варварите
не се еднакви со нејзините, а нивната самостојност таа ја смета за
нешто формално.
Хегел, Основни црти на филозофијата на правото
Косовска Митровица, еден од новите важни симболи на балканските
поделби, деновиве ме потсетува на Базел. Иако причините за
споредбата се малку иронични, ќе ги наведам зашто се мошне слоевити,
симболички и се’-европски (што е важно, зашто Балканот на некој
начин е европското несвесно): најпрвин, Базел, заглавниот камен штом
денес ги спојува Швајцарија, Германија и Франција, низ историјата
постојано ги менувал господарите (патем, зборот „хосподар“ бил
титула на молдавските и влашките кнезови кои во приказнава бегло ги
допираме преку реката Рајна која ги поврзува Молдавија и Базел);
градот најпрвин бил римски, потем франачки, па германски, француски
и, најпосле, швајцарски. Втората причина што Базел ме потсетува на
Митровица е што во Базел живеел и починал големиот Еразмо
Ротердамски, кој во својата славна книга „Пофалба на лудоста“ на
европската политика и на верско-дворските игри во почетокот на 16
век повеќе-помалку гледал како на триумф на лудилото (во Базел во 19
век предавал и еден друг голем апологет на лудоста, Фридрих Ниче).
Главната причина што, малку на смешка, ги споредувам Базел и
Митровица е мостот што ги спојува „Малиот“ Базел (Kleinbasel, на
североисточниот брег на Рајна) со „Големиот“, Grossbasel, на другиот
брег на славната европска река. Всушност, ни мостот не е мојата
поента, туку статуата поставена на крајот од мостот, статуата на
еден крал со подбивно исплазен јазик - Lalle Keenig. Ете го мојот
урбанистички прилог-реплика за Косовска Митровица и ете го мојот
предлог за братимење на двата града!
Иако во таа скулптура навистина е сосредоточена важна историска
енергија и иако репликата на таа базелска скулптура поставена во
Митровица навистина ќе долови, макар на трагикомичен начин, некои
важни аспекти на често тегобниот однос помеѓу Европа и Балканот,
време е да престанеме со шегата.
Воопшто не е случајно што Косово деновиве е во центарот на
целокупното светско политичко внимание. Дури и не е толку важна
гео-стратегиската положба на Косово и мошне компликуваните
културолошки димензии на отворениот политички проблем (низ Косово,
на пример, уште еднаш ќе се преиспитува христијанската природа на
Европа). Косово деновиве е важно во историска и симболичка смисла,
како можна пресвртница кон некој поинаков меѓународен поредок од
оној што се’ уште, чкрипаво, функционира врз начелата поставени 1945
година.
Еден мошне влијателен британски историчар на меѓународното право,
Гари Симпсон, на пример, смета дека акцијата на НАТО на Косово беше
сеизмичка промена на светскиот поредок; иако промената не е во
согласност со постојните норми, таа акција е дел од воспоставувањето
нов нормативен систем, вели Симпсон во својата книга „Големите сили
и одметничките држави“. Според таа логика, воспоставувањето
независна држава на Косово може да претставува потенцијално
револуционерен момент во историјата на меѓународниот поредок, а
таквите моменти можат да се толкуваат или како илегална узурпација
или како правна иновација.
Десетгодишната изразито (авто)деструктивна српска политика на Косово
1999 година беше искористена од НАТО алијансата која се обиде да
добие нова смисла на постоењето, смисла прилично разнишана по крајот
на Студената војна. Дури на Косово (откако пропушти тоа веродостојно
да го направи во Босна) НАТО почна да се размавтува со новата
хуманистичка, универзалистичка и морализаторска реторика која денес
почнува да добива и свои формални правни контури. Денес таа
моралистичка реторика станува нова глобална политичка реалност.
Влијателни политичари и теоретичари се’ почесто сугерираат дека
домашната политичка устроеност го одредува однесувањето на државите
на меѓународен план. Поконкретно, современата политичка мантра вели
дека кршењето на човечките права и кусокот демократија се закана за
мирот и безбедноста. Тоа е еден од пунктовите кајшто НАТО ги црпи
новата легалност и правото на интервенција.
Тие нови и се’ уште во голема мера импровизирани интервенционистички
западни правила се’ повеќе ја игнорираат старата идеја за суверена
еднаквост на државите; новиот став (кој и не е толку нов оти во
голема мера ја одредувал меѓународната политика во 19 век) вели дека
државите воопшто не се еднакви, ниту по силата, ни по богатството,
ни по посветеноста на човечките права и мирот.
Резултат на тоа е што легализираните хегемонии на некогашните „големи
светски сили“ денес веќе не водат војна со рамноправни противници
туку со меѓународни отпадници. Денес, на пример, од највисока
политичка важност е вашата држава да не биде штиклирана како „отпадничка“
(Outlaw State; еден од омилените западни изрази - којшто во однос на
Балканот се користи како „доброутро“ - е и “state of concern”, „држава
која предизвикува загриженост“).
Во 19 век големите територии надвор од европските центри добивале
статус значително понизок од сувереност: протекторати и колонии, т.е.
terra nullius. Денес во позиција на протекторати се ставени разни
суверени ентитети, па и во самата Европа, а причините за нивното
ставање во положба со понизок статус можат да бидат и нивните
културни или идеолошки атрибути. Заради тоа на „независноста“ на
Косово не треба да се гледа како на завршена приказна. Напротив,
новата голема и во моментов не претерано предвидлива политичка
приказна на 21 век допрва почнува.
|