Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-200
8

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


192

РУЖАТА НА ВЕТРОВИТЕ

26.02.2008



Пред историски одлуки се наоѓаат Србите, Албанците и Македонците, трите народи од акупунктурната петица на Европа испресечена со разгранети (нервни) патишта. Србите се исправени пред значајни територијални загуби кои имаат и свое големо симболичко значење. Драмата на Македонецот е повеќе симболичка, идентитетска, што не значи дека и материјалните или територијалните импликации на таа драма се затворени. За разлика од нив, Албанците имаат чувство дека ја живеат својата позитивна историска драма и дека се чекор поблиску до остварување на националниот сон.
Многумина сметаат дека работите се одвиваат без логика, дека нештата излегле од зглобовите и колосоците... Многумина мислат дека се случуваат големи неправди или дури патолошки историски регресии; на пример, дека прилично анахрониот албански национализам (сништата од 19 век) на парадоксален начин е многу поблизок до современиот глобален политички миг отколку демагошките приказни дека, кај и да е, сите ќе живееме во една држава: ЕУ. Еве и друг пример: Македонците во Бугарија и Грција се’ уште не виделе аир дека ќе им бидат, ако ништо друго, олеснети барем контактите со Република Македонија, а камоли да можат да ги сонуваат албанските сништа.
Меѓу другото и затоа квадратурата на балканскиот круг изгледа нерешлива. Не постои конзистентна логика: зошто некој смее да се размавтува со својата националистичка исклучивост и со своите често ирационални квазиимперијалистички каприци, а некој мора во секоја ситуација да го подвиткува опашот и да дреме во ќош?
Лелекањето и пискотниците дека нема правда - сепак не помагаат. Ќе помогне само поголемото свртување кон себе и придвижувањето на разноликите внатрешни потенцијали. Значи, не чувствена хомогенизација околу симболички јаки жаришта туку стратешко и врз разумот втемелено сплотување на силите. Наместо, значи, бесполезно да си го драматизираме сопствениот неоспорен идентитет, подобро ќе биде да се обидеме да ги усогласиме борбите на многубројните мали фронтови кои ја сочинуваат поголемата слика. Во моментов поважни ни се водачите кои умеат да гледаат барем десет или педесет години напред од оние кои понираат 2500 илјади години наназад, директно кон есенцијата на пра-Македонецот.
Трагичниот пример за политичката изгубеност на Србија ни е пред нос: деновиве се навршуваат точно 20 години од првиот голем „косовски“ митинг на Милошевиќ, тогаш кога ветуваше апсење на Азем Власи. Подоцна Милошевиќ направи уште многу митинзи, успеа да ги покори властите во Црна Гора, Војводина, делумно во Босна и Македонија, но сите тие привремени освојувања беа само предигра за низата изгубени војни кои кулминираат со загубата на Косово и, што е можеби пострашно, со историски и политички сосема дезориентираната Србија.
Ми се чини дека Македонецот овојпат навистина има доволно простор сам да си ја крои судбината и да не кука над историските фортуни и луњи. Проблемот што Грција го има со нашето име не е нерешлив и ако цената за влез во ЕУ и НАТО е компромисот со Грција – тоа ќе мора да се плати. За условите на „купопродажбата“ ќе треба да се испазарат нашите политички избраници кои не’ доведоа до такво дереџе што ни се чини дека само влезот во ЕУ нема алтернатива.
„Закрвавувањето“ со Грција не е решение, не само зашто Грција е неспоредливо позначаен регионален, европски и светски играч од нас. Точно е, односот на Грција кон Република Македонија и кон Македонците е шовинистички, често и расистички – но во закрилата на ЕУ националните интереси на поединечните членки се некритичка светост чија мрачна страна токму е игнорирањето на интересите на државите кои не се во сојузот.
Најнакрај, најважното, според мене: клучната причина да направиме уште една мала симболичка отстапка кон Грција не е силата на Грција во однос на нас, или силата на ЕУ и САД; мислам дека уште еден мал позитивен гест од наша страна кон Грција и ЕУ повеќе ќе ни послужи нам самите, на внатрешен план. Го мислам тоа зашто чувствувам дека во голема мера се згаснати македонските „енергетски полнежи“. Ни краткорочно ни среднорочно не постои дури ни далечно насетување на потенцијален политички проект што би ја добил довербата на мнозинството македонски граѓани. Нас веќе не не’ придвижува на акција дури ни големата приказна за „светото“ име, а камоли некакви од ден на ден се’ помизерни внатрешнополитички борби!
Суштината на неуловливиот феномен на „нацијата“ (која е „постојан дневен консензус“) токму е непрекинатото менување. Дури и кај „големите“ европски нации фрапантни се променетите светогледи во изминативе дваесет или педесет години! Скорешните политички непријателства денес се претворени во потпорни столбови на комплексната градба на европското заедништво. Затоа и идентитетот на Македонецот треба да се гради долгорочно, низ многубројни интеракции и низ постојано дејствување. Тоа дејствување, меѓу другото, подразбира совршен распоред на приоритети.
Малкуте преостанати разумни Македонци, значи, треба постојано да им објаснуваат на граѓаните зошто ЕУ во моментов е нашиот најголем предизвик. Светот на почетокот на 21 век се наоѓа на голема пресвртница. Глобалната политичка слика на големо се менува. Разбирањето на таа слика е клучно за опстанокот на државите и поединците. Оној што ќе ги сфати промените и смеровите на ветриштата – има некои шанси за иднина. Затоа е битно луѓето да бидат веродостојно информирани и затоа е потребна изострена одговорност од оние кои, вака или онака, па и низ колумни, придонесуваат за создавањето на јавното мислење.