|
193
ИДЕНТИТЕТ: СЕМАНТИКА И ПОЛИТИКА
04.03.2008
Ако модерниот „проблем на идентитетот“ се сведува на
прашањето како да се конструира идентитетот и да се одржи, тогаш
постмодерниот „проблем на идентитетот“ пред се’ се сведува на
прашањето како да се избегне фиксниот идентитет и да се зачуваат за
себе што поголем број можности.
Зигмунт Бауман
Македонско-грчкиот „ономастички“ проблем е мошне интересен токму
зашто во себе во една напната форма ги содржи семантичкото и
политичкото (намерно и заради хумор употребувам грчки зборови кои се
суштински за македонско-грчкиот спор: „ономастика“ е гранка на
лингвистиката што ги проучува имињата; „семантика“ е наука за
значењето; „политика“ ги означува државните или општествените работи
сфатени во најширока смисла). Семантиката и политиката, пак, се
најважни за создавањето на групниот идентитет (ете и еден латински
збор кој ќе биде клучен во понатамошниот текст).
Велам, „спорот на именувањето“ е интересен од многу различни
гледишта. Едно од нив допираат и зборовите на Бауман: дали
семантичко-политичкиот судир меѓу Република Македонија и Република
Грција е судир и меѓу еден модерен (т.е. стабилен, фиксиран) и еден
постмодерен (флуиден, релативен) идентитет? И кој во случајов е
стабилниот, а кој релативниот идентитет? Тоа прашање на ионака
доволно заплетканиот проблем му дава и една двојна историска
перспектива.
Би одговорил едноставно: позициите на двете страни во спорот се
многу слични, главно предмодерни или, ако го употребиме
разликувањето на Бауман, модерни. Мислам дека она што во моментов ги
спојува позициите на Македонците и Грците токму е заедничката
застрашувачка редукција на сами по себе мошне комплексните етнички
идентитети. И едните и другите како да имаат стремеж да го издвојат
и фиксираат сопствениот идентитет, без да ја почитуваат
сегментарноста и повеќекратноста на идентитетите. И едните и другите
(како и многумина трети) прават тежок фаул спрема културата кога ја
сведуваат на објект за политичко манипулирање и кога по правило
двосмислените и „полифони“ симболи ги инструментализираат за тековни
политички потреби.
Да бидам конкретен: во Република Македонија како да трае процес на
се’ позасилено раздвојување помеѓу нашиот јасен словенски идентитет
(олицетворен пред се’ во јазикот и во фактот дека на овие простори
се зачнала словенската писменост) и мистичниот „антички“ и „старомакедонски“
идентитет (кој во прв ред се поврзува со митот за Александар
Македонски). Во една редукционистичка драма на апсурдот тие два
идентитета како да не можат да постојат еден крај друг; на „античките“
Македонци им предизвикуваат бес теориите за словенското доаѓање на
Балканот, а на „славо-Македонците“ им изгледа сосема лажно и лудо
повикувањето на античките корени.
Слично е и во Грција; и таму постои голема и лошо прикриена
напнатост помеѓу старогрчкиот и модерниот идентитет на Елините, како
и помеѓу западните и источните аспекти на современиот грчки
идентитет. Пред странците, на пример (па и кога тие се антрополози,
етнолози или историчари), во Грција секогаш во прв план се става
античкото минато и западноцентричниот светоглед; во поинтимни
кругови, пак, Грците често му се препуштаат на својот „ромејски“,
источен аспект на идентитетот.
Откако, значи, кон внатре лажно ќе ги хомогенизираат своите
шизофрени идентитети, Грците и Македонците истите несозреани
идентитетски проблеми ги свртуваат нанадвор и почнуваат да се
глодаат меѓу себе, кој е „антички“, кој е варварин, кој е модерен,
кој е источен, кој е западен...
Уште еднаш ќе речам: идентитетот не може да се сведе на една
димензија. Конкретно, македонскиот идентитет не може да се
поистовети, на пример, со името. Поединецот може да има повеќе
статуси и повеќе можни идентитети; ситуациите одредуваат кога некој
идентитет ќе стане позначаен од друг.
Истото важи и за општествените идентитети. Тие се ем повеќекратни (во
различни ситуации делиме ист идентитет со различни луѓе) ем
сегментарни: тоа што сте член на некое семејство не ве спречува да
бидете припадник на некоја етничка група, ниту пак припаѓањето кон
некој етницитет може да ве спречи да се видите себеси во некоја уште
поширока категорија. Разгледувајќи го проблемот на сегментарните
идентитети, антропологот А. М. Луис вели: „Жолчниот заговорник на
интернационализмот ќе ја осуди тесноградоста на национализмот токму
како што националистот ќе го осуди трибализмот, трибалистот
протежирањето на клановските интереси, а припадникот на кланот
залагањето за интересите на потесното семејство.“
Сето ова, на многу поедноставен и емотивно многу поубедлив начин го
пишува во „Кралот Едип“, една од најславните светски драми напишана
од Софокле пред 2500 години. Трагајќи по сопствениот идентитет, како
и по идентитетот на сопственото племе, Едип, еден од најважните
западни митови, завршува во трагедија и слепило. Приказната за Едип
пред се’ е приказна за повеќекратните улоги и идентитети на
поединецот – семејни, територијални, класни, верски, етнички и
родови. Беспоштедно барајќи ги вистината и правдата, царот Едип
всушност не го открива само ужасот на сопственото потекло (тој е
убиец на татка си и сопруг на сопствената мајка) туку и релативноста
на општествените позиции, на убеденоста и на „вистината“.
Да имаа само делче од мудроста на Софокле (или ронка од храброста на
Едип), денешните политички врвови на Скопје и Атина ќе најдеа начин
да го надминат апсурдниот спор. Но, токму зашто и ден денес луѓето
си бодат трнови во здрави нозе и при јасен вид се слепи, ако ништо
друго драмата на Едип се’ уште е актуелна.
|