|
194
ВОЛШЕБНИТЕ РАЗГЛЕДНИЦИ
11.03.2008
Во седумдесеттите години популарни беа „меко порнографските“
разгледници и пенкала кои на чуден начин не’ воведуваа не само во за
деца забранетата еротика туку и во клучните Ајнштајнови принципи на
релативноста; на пример, дека сликата или движењето во голема мера
зависат од позицијата на оној што гледа. Финтата кај тие разгледници,
значи, беше што на нив беа прикажани девојки во фустан или во бикини,
но кога малку ќе ја свиткавте разгледницата или кога ќе ја
погледневте од друг агол, облеката волшебно исчезнуваше и се
појавуваше голото тело.
Славој Жижек феноменов го нарекува паралакса: очигледната промена на
објектот предизвикана од променетата позицијата на набљудувачот
овозможува објектот да го видите во поинакво светло. Жижек сугерира
дека нам ни е потребен отклон сличен на ваквата паралакса за да
можеме да се фатиме во костец со политичките и идеолошките ребуси на
денешницата.
Убавата и девствена ќерка на феникијскиот крал Агенор, Европа, на
пример, во искривените разгледници деновиве многумина ја гледаат
мошне разголена или ин флагранти фатена (да повториме: само во
пристрасното око на набљудувачот) во жесток чин со белиот бик Зевс.
На други, пак, разгледници, стереотипното балканско буре во еден
момент е полно со вообичаениот барут, а во друг момент (во друг
поглед, од друг агол) во бурето гледаме некој филозоф-несреќник
подготвен да го фрлат среде водопад, комплет со бурето, се разбира,
во уште еден потфат на човечкиот често бизарен авантуристички дух.
Зборот ми е: опсценото често крие закана. Скарадното нема само
порнографски димензии, тоа често претставува само увод во
неконтролирано насилство. И од тие причини, значи, важно е да
научиме да владееме со паралаксата, т.е. важно е да станеме свесни
за релативноста на нашиот поглед и за просто физичката ограниченост
на аголот од кајшто гледаме.
Разгорените национализми на Балканот во моментов воопшто не се добар
знак. Речиси две децении Србија беше универзалниот виновник зошто
регионов не може да фати позабрзан приклучок кон европските
интеграции. И денес Србија е на тапетот, но денес би било политичко
лудило да не се види опасноста од другите балкански национализми,
пред се’ грчкиот, како потенцијално најмоќен, но евидентно е дека
јакнат и бугарскиот и албанскиот и македонскиот национализам и
шовинизам. Кон кој балкански национализам да погледнеш, ако малку ја
искосиш сликата, ќе налеташ на цела сурија ѓаволи што ниту садат
ниту копаат!
Една од причините за нараснатите регионални национализми може да
биде и вообичаениот балкански родовско-племенски менталитет кој се’
уште снажно избликнува во јавните нервозни реакции, во
неконтролираните страсти и неодмерености, во немањето самокритичност
– она што деновиве насекаде го гледаме. Сепак, национализмот е толку
слоевит и аморфен што тешко се разликува каде тој предизвикува
одредени општествени појави, а каде е само нивна последица.
На пример, наспроти она што денес многумина го мислат, смета
британскиот историчар на политиката Антони Смит во својата книга „Националниот
идентитет“, токму денешното конфигурирање на државите во пошироки
системи доведува до големо зацврстување на моќта на нацијата и до
разгорување на национализмите. „Истиснувањето на нациите и
национализмите не смееме, значи, да го очекуваме од новите
регионални групирања или од ’наднационалните’ блокови на ’национални
држави’; бидејќи таквите меѓудржавни групации, сеедно дали се
нарекуваат сојузи, заедници или организации, доколку не го
разгоруваат влијанието на националните идентитети и на
националистичките стремежи, само придонесуваат кон овековечување на
тоа влијание на национализмот, што го прават и новите класи на
меѓународниот капитализам“, смета Смит.
Затоа денес, на почетокот на еден тешко предвидлив век, не е
едноставен одговорот на славното (лениновско) прашање: што да се
прави? Лао Це велеше: „Постојат многу патишта, но вистинскиот Пат го
нема во мапите.“ Можно е, значи, дека новите патишта не треба да се
бараат туку да се прават.
Од овој скромен македонски или балкански ракурс упатувам на
потребата фразите за „подобро меѓусоседско и регионално разбирање“
конечно да се обидеме да ги разбереме посериозно. Грчкото знаење, на
пример, за кои било аспекти на македонската (нека биде и
славо-македонската!) култура граничи со нула. Таквото фрапантно и
широко игнорирање на „северниот сосед“ во Грција создава почва за
најневеројатни проекции и фантазми од типот на заканувачкиот „македонски
иредентизам“. За македонското незнаење во моментов не треба да се
трошат зборови; тоа е толку големо што нам уште неколку децении ќе
ни требаат да формираме каква-таква општествена и државна елита, а
камоли во широки потези да го просветуваме и еманципираме
запуштениот народ препуштен на капиталистичките и националистичките
бездни и екстази.
Во секој случај, токму кошмарната европска историја на Балканците (кои
се составен дел во европските кошмари) треба да им укаже на големата
опасност од упаѓањето во фанатизмот кој ја присвојува историјата.
Секоја историја е селекција на настани, секоја е вештачка и
конструирана. Она што е важно за овој сплет на мали нации (што е
Европа и што е Балканот: на многу мал простор неверојатно богат збир
на култури, јазици, обичаи) е да не се монополизира еден (историски)
поглед, туку да се инсистира на можноста од повеќекратни одговори и
двосмислености. Таа поука, впрочем, ние ја добивме уште како деца,
со обично превртување на пенкалото, или со малку искосен поглед кон
разгледницата, соблекувајќи ги и облекувајќи ги насликаните девојки.
|