|
195
ЗА ГЛАСОТ И ИМЕТО
18.03.2008
Со оглед на тоа какви шапшали и неранимајковци почнаа
деновиве да се занимаваат со највисоки можни политики, а богами и
земајќи предвид на колку ниски нивоа во нашава од памет извадена
земја е доведена не само политиката, не само мислењето за политиката,
туку и мислењето воопшто, денес ќе се занимаваме малкуцка со
филозофија, малку со драмска литература, а сосема бегло со фамозниот
семантички проблем со името.
Познато е славната реченица на Маркс: ние треба да го менуваме
светот, а не да го толкуваме. Жижек вели дека денес Маркс треба да
го сфаќаме сосема поинаку, дека денес ни е потребна друга динамика
помеѓу „акцијата“ и „мислата“, помеѓу интерпретирањето и менувањето.
Поинаку речено: мислењето кое го заслужува своето име е форма на
дејствување, а дејствувањето е форма на мислење. Интерпретирањето
кое е проста надворешна интерпретација не е вистинско мислење. Кога
Жижек провокативно ја извртува тезата на Маркс (нам денес пред се’
ни треба токму толкување на светот!), тој полемизира против честите
повици за активизам, повици кои всушност се бегство пред мислењето
кон дејствувањето; потоа следи толку добро познатата слика: лелекање
над сопствената немоќ.
Едно е јасно: мислењето кое претставува одреден мисловен пробој
денес се случува извонредно ретко, особено на полето на политиката.
Затоа, пак, се умножија можните насоки од каде што можат да се
појават одредени мисловни исчекори: во литературата, науките,
медиумите, активизмот... Тоа човека го обврзува на многу поголема
отвореност и приемчивост за различни вокабулари, за различни „регистри
на друштвеноста“.
Ќе дадам еден прост пример: во светот на креативноста речиси владее
правилото: оддалечи се од проблемот за подобро да го согледаш;
занемари го, заборави го проблемот, мисли на нешто друго – и
решението ќе се појави во сета негова неочекуваност! Тоа е причина
повеќе да не ги повторувам манијакално-опсесивните тиради за
проблемот со името, туку низ малку поинакви ракурси да се обидеме да
осветлиме нешто што можеби има врска со нашата изгубеност, политичка,
историска, морална и, не најмалку важно, естетска.
Следејќи ги, значи, тезите на еден друг извонреден словенечки
филозоф, Младен Долар, мислејќи на името, ќе кажеме неколку збора за
гласот. Ќе почнеме со зборовите на Јулија во втората сцена од
вториот чин во Шекспировата драма „Ромео и Јулија“. Ромео стои во
дворот, во темница, а Јулија е на балконот, ѕвера во мракот, но
слуша само глас, без да го препознае; и вели Јулија, насетувајќи: „Сал
твојто име мој е душман. Ти си ти и без Монтеки да си. Што е Монтеки?
Ни е рака, ни е нога, ни мускул, лице, ниту еден дел од човека! О,
биди друго име! Но, што е име? Она што е ружа со друго име пак ќе
мириса со иста сладост. Така Ромео – да не се вика Ромео – тој пак
ќе беше исто толку совршен без тоа име... Ти отфрли го, мој Ромео,
бидејќи твојто име и не е дел од тебе самиот – па мене сета земи ме!“
(препев: Георги Сталев)
Веќе неколку пати овде сум повторил дека идентитетот не може да се
сведе на име. Името, на некој начин, дури ја редуцира комплексноста
на идентитетот и внесува елементи на сопственост. И ден денес
постојат племиња во кои, на пример, само мажот го знае вистинското
име на сопствената жена; за сите други сопругата има некое „резервно“
име, не вистинското. Оној што именува – поседува, на еден посебен
начин.
Засега не имплицирам ништо. Во текстов повеќе ме интересираат некои
поетски димензии на проблемот со името, отколку политичките
инструкции. Но, поетското и политичкото се блиски, исто како и
менувањето и толкувањето на светот, зарем не?
Ромео и Јулија завршуваат трагично, обајцата умираат, меѓу другото и
зашто не можат да избегаат од кобноста на сопствените имиња (нивните
семејства што живеат во Верона, Монтеки и Капулети, се во
долгогодишно крвно непријателство кое ја оневозможува љубовта меѓу
младите). Во третата сцена од третиот чин, на пример, Ромео се
прашува: „Во кое гадно делче од анатомијава живее моето име? Кажи ми,
за да можам да го отстранам тоа омразено пребивалиште“.
„Самото твое име е мој непријател“, вели Јулија. И тука Младен Долар
ја внесува многу суптилната разлика меѓу името и гласот. Името
упатува кон една индивидуалност вткаена во мрежата на општествените
поделби, хиерархии, судири и сојузи. Гласот, од друга страна, како
да се измолкнува од опасните општествени мрежи, гласот како да
говори од некаде подлабоко, каде што можеби престојува љубовта; „можеби
гласот е вистинскиот медиум на љубовта, додека името е нејзин
непријател“, вели Долар.
Испаѓа дека човек е повеќе присутен во својот глас отколку во своето
тело, што е парадоксално: она што е минливо, што исчезнува во
моментот на настанувањето, она што е само треперење на воздухот
испаѓа поприсутно и поснажно од цврстите објекти и имиња.
А на мошне важното прашање „Од каде доаѓа гласот?“, Младен Долар
дава извонредно прониклив одговор: со оглед на тоа дека гласот доаѓа
од невидливата внатрешност, тој всушност е нешто што го дели телото
на надворешност и внатрешност, тој е оператор на најдраматичната
можна поделба. „Гласот стои на таа граница, на линијата на поделбата
– стои е погрешен израз, нема начин гласот да стои, тој секогаш
минува, трепери и се бранува – и на таа граница тој е врска помеѓу
јазикот и телото.“
Политички импликации?! Можеби сосема кусо: Македонецот (како и било
кој друг идентитет) може да се потврдува само низ гласот, низ
себепретставувањето, низ дејствувањето. Фиксираните идентитети
повеќе влечат кон смрт и археологија отколку идентитетите што се
прилагодуваат и менуваат.
|