Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-200
8

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


197

ХЕРОИНА

01.04.2008



Се сеќава ли некој зошто пред девет години беше бомбардирана Србија? Ќе потсетиме на аргументите на човекот кој тогаш имаше огромен морален и политички кредибилитет, Вацлав Хавел: „ Сојузна Република Југославија беше нападната од страна на сојузот без директен мандат на ОН. Тоа не се случи неодговорно, како чин на агресија или непочитување на меѓународното право. Напротив, тоа се случи од почит спрема законот, законот кој е повисок од правото кое ја штити сувереноста на државата. Сојузот дејствуваше од почит спрема човечките права, како што и совеста и меѓународните правни документи налагаат.“ И уште нешто рече тогаш Хавел, сосема одлепувајќи во својот „милитаристичко-хуманистички“ вознес: „Човечките права, човечките слободи и човечкото достоинство ги имаат своите најдлабоки корени некаде надвор од сетилниов свет (...) додека државата е човечка творба, човечките суштества се божји битија.“
Нејсе. Иако аргументација беше чудна - беше што беше. Монструозниот Слободан Милошевиќ заслужено го оддуваа од балканскиот политички ветромет, иако десет години го грееше газот на најважните светски политички канабиња (всушност, моќниците најчесто доаѓаа на неговото канабе, во Белград). Незаобиколно, особено од европските политички фактори, во сите ситуации Милошевиќ беше третиран како „клучен фактор на регионалната стабилност“.
Да преминам на поентата: ЕУ кон Грција со децении ја негува сосема истата политика што десет години ја применуваше кон „мошне сензибилниот“ српски „фактор на стабилност“. И тоа е неверојатното во европските политики: од една страна, запрепастувачки идеалистички занеси а ла Хавел, а од друга – не цинизам, не бескрупулозност – туку глупост! Дури – идиотизам! Велам така зашто на Европа може да ù се скрши од глава децениското толерирање на, во својата забеганост, тешко споредливиот грчки национализам (тешко споредлив дури и во змиското дувло на сите ирационални национализми: малата грда Европа што се огласува под инкриминираното име Балкан).
Зошто денес, наместо гротескните естрадни фигури од типот на Саркози (а во тоа се претвора европската политика: микс од естрада и надзор, екстатична забава и параноја едновремено), не се појави некаков ЕУ-Хавел кој во лудиот случај на „името Македонија“ светите човечки права на самоопределување и самоименување ги става (дури и не толку високо, „отаде сетилниот свет“, до престолот на Бога лично!) во едноставната сфера на политички неоспорното!? Србија ја бомбардираа во име на човечките права (еден од резултатите на тоа беше што Република Македонија прими неколку стотици илјади бегалци на своја територија), а ваму членка на ЕУ ги крши најелементарните политички и човечки права – и цела ЕУ си свирка и тера работа?! Билатерален проблем?! Каков црн билатерален проблем! Проблемот е во срцето на ЕУ! Проблемот е создаден во ЕУ и таму, на идиотски начин (како што беше „менаџиран“ режимот на Милошевиќ) проблемот на Македонија се управува (сетете се на Лисабон, на Бадентер, на грчкото ембарго на кое ЕУ молчеше итн.). ЕУ, во својата сосема некоординирана балканска политика, дојде на тоа дереџе што го признава Косово, а не ја признава Македонија! Седумнаесет години, пред сè од земјите на ЕУ, ги трпиме одвратните понижувања со „фиром“, и денес, згора на сè, ние, безимениот „скопски народ“, треба да го признаеме Косово!
Во романот на Патрисиа Хајсмит, „Хероина“, има една откачена гувернанта која ја опожарува семејната куќа каде што работи, а сè со цел за да ја докаже својата приврзаност кон семејството, на начин да ги спаси децата од пожарот...
Толерирајќи и создавајќи такви потенцијално мошне опасни националистички политики (како во Грција или во Србија под Милошевиќ), ЕУ се однесува токму како лудата гувернанта: да запалиме, за да имаме што да спасуваме!
Штетите од навидум лудиот и апсурдниот спор што на Република Македонија ù е наметнат – веќе се огромни. Не само што луѓето во нашата земја речиси збудалеа, особено последниве месеци, изложени на страшни психолошко-политички шиканирања однадвор (како да не ни се доволни четите политички идиоти однатре); освен тој застрашувачки психолошко-пропаганден дрил, велам, национализмот во Македонија е толку зајакнат со агресивната политика на Грција и ЕУ што дополнително ќе ја искомпликува ионака лошата политичка ситуација во регионот. Со секој изминат ден расте стравот на Македонецот (страв кој се потхранува, и однатре и отстрана, и намерно и случајно), а тој страв раѓа ирационализам... Тоа никому ништо добро нема да донесе...
Најпосле, се чини дека токму ЕУ е најповикана да процени дали е навистина толку ирационален мошне деструктивниот грчки однос спрема Република Македонија? Зарем Грција нагласено не се осили во регионот токму по растурањето на СФРЈ? Многумина во Грција, потајум но длабоко убедено, сметаат дека грчкото влијание и сила во европски рамки се поголеми (т.е. Грција има голем маневарски простор за разноразни трговско-политички игри) доколку Србија, Косово и Македонија се нестабилни, кревки и излудени од темелни (територијални, историски, идентитетски итн.) прашања. Грција во овие 17 години од распадот на СФРЈ веќе енормно профитираше и нејзиното економско влијание, особено во трите набројани земји, воопшто не е безначајно, иако многу често се одвива по илегални и полуилегални канали.
Што, на крајот, да кажеме за карактерот на ЕУ? Можеби нешто преку Карл Краус: „Еднаш постапи безобразно: од тоа сè уште не може да се претпостави каков му е карактерот. Но потоа пак постапи благородно, па сега претпоставувам дека е безобразен тип.“