|
198
СЛИКАТА НА НЕПРИЈАТЕЛОТ
08.04.2008
Секоја војна со два фронта го наметнува прашањето, кој е, значи,
тогаш вистинскиот непријател. Не е ли тоа знак на внатрешна
поделеност, да се има повеќе од еден реален непријател? Непријателот
е обликот на нашето сопствено прашање. Ако сопствениот лик е одреден
еднозначно, од каде доаѓа дуплираноста на непријателот? Непријателот
не е нешто што од кои било причини мора да биде отстрането, или
поради својата безвредност уништено. Непријателот стои на моето
сопствено рамниште. Поради тоа морам со него да се пресметам низ
борба, за да ги стекнам сопствената мера, граница и лик.
Карл Шмит, Теорија за партизанот
Текстовите на Карл Шмит се меѓу најважните политички четива на
дваесеттиот век. Го спомнувам овде големиот германски филозоф на
правото бидејќи ми се чини дека неговите правно-политички согледувања
можат да помогнат да се разберат и некои важни аспекти на
македонско-грчкиот спор. Не само што во горниот пасус извонредно го
опишува, да речам шеговито, македонскиот профил на Гркот (и обратно,
грчкиот профил на Македонецот, велејќи: „За да ги стекнам сопствената
мера, граница и лик морам да се пресметам со непријателот низ борба“;
или велејќи: „Непријателот е обликот на нашето сопствено прашање“),
туку Карл Шмит суштината на политичкото ја втемелува во сликата на
непријателот, или поточно, во разликувањето на пријателите и
непријателите.
Сведоци сме дека во поново време никој повеќе не го зајакна
македонскиот дух (или, ако сакате, македонскиот национализам) од
грчката кон нас деструктивна политика. Впрочем, во однос спрема
соседите задоцнетото себеосознавање на модерниот Македонец (или
„новиот“ Македонец, како што би рекол Геровски), кон средината на 19
век, исто така се случува пред сè заради жестоката грчка и бугарска
асимилаторска политика, а не заради одеднаш откриениот континуитет со
„античкиот“ Македонец.
Денес, значи, многумина македонски граѓани, свесни и несвесни за
фарсите на историјата, јавно и без иронија им се заблагодаруваат на
Грците за можноста уште еднаш да го откријат запретаниот Македонец во
себе (некој можеби би рекол: „да го откријат во себе стутканиот
балкански осми патник“, чие излегување надвор може да го направи
пичвајс ионака низ историско-вселенските пространства залутаниот брод
„Балкан“).
Велам, македонштината во моментов се збива, се вкочанува (како мачка
или уплашена змија) пред грчките мошне длабоки закани (не само
евидентно територијални: 15 години една од главните грчки пароли кои
многу снажно го мобилизираат грчкиот национализам е: „Македонија е
Грција!“; туку заканите се и расистички и поништувачки: не постојат
Македонци кои не се одобрени од „вишата“ грчка раса).
А
македонштината се хомогенизира пред грчките закани оти, како што вели
Шмит, е тешко во ист момент да имате двајца вистински непријатели
(дури и Америка, сè уште клучната светка сила, има многу – ако сакате,
симболички, не само технички – тешкотии да војува на два фронта, со
двајца непријатели; не случајно голема симболичка енергија е
концентрирана контра „тероризмот“; тој правно чуден и кревок поим се
обидува во себе да ги сосредоточи многубројните слики на современиот
непријател кој, со своите многубројни глави, личи на античка хидра).
Сепак, надвор од интелектуалните шеги, воопшто не е весела новава
политичка ситуација која на Балканот се создаде со грчкото вето за
приемот за Република Македонија во НАТО. Таа ситуација не е весела за
Грција и за ЕУ, а во однос на Македонија „невеселоста“ е благ збор;
ситуацијата во целиот регион е толку сериозна што изискува навистина
брзо и ефикасно политичко дејствување, во насока на смирување на
нараснатите тензии (ЕУ и САД тоа и го прават, делумно на начин познат
во нашиот фолклор: „После смрт – болест“; или „Си заби трн во здрава
нога“).
И од
еден друг агол ситуацијата, особено за Македонија и за нејзините
пропагандно прекумерно растревожени граѓани, не е добра. Старите Грци
и Римјаните велеле: „Нема средина помеѓу мирот и војната“ (inter pacem
et bellum nihil est medium). А ние веќе 17 години, како
експериментални глувци на регионалниот „господар“ Грција, но и како
заморчиња на ЕУ и САД, живееме токму во тој невозможен простор кој нè
претвора во зомбии: нит на живо се радуваме, нит на мртво плачеме.
Заради тоа (еве, дури и фонтот со кој го пишувам текстов, и кој го
користат сите компјутерско писмени Македонци, се вика “FIRO
Macedonian”!) многумина попуштени но искрени луѓе кај нас денес
навиваат за најекстремните варијанти кои радикално ќе го прекинат
мачното живеење во „меѓузоната“. Башка, од локалниот митски херој Аце
(не Циганот), многумина Македонци научиле дека Гордиевиот јазол не се
одврзува туку се сече.
Мојата опција овде многупати сум ја изложувал: најновава закана треба
да нè зајакне и да нè направи поспособни. Спасот за нас е во нашата
самодоверба, во нашата спремност да работиме и да создаваме пријатели,
насекаде. На многу земји и народи треба да се угледаме: Израел (од
пустината прават поле и не се плашат од моќните непријатели),
Холандија (не само заради неверојатната трудољубивост и способноста за
печалење туку и заради поуката дека дури и „лошата“ географијата може
да се совлада!), Ирска (пред само сто години најсиромашната европска
земја денес е меѓу најбогатите)...
Услов
над условите е да внесеме ред меѓу самите себе; да се договориме каква
Македонија сакаме и заедно да ја градиме, посветено и безрезервно!
|