Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-200
8

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


199

СРЕДНИОТ ПРСТ

15.04.2008



Стварноста ни е толку глупава и дестимулативна што мораме да се обидуваме да ја објасниме и промениме со средства кои на прв поглед се „надвор“ од таа наша заглупувачка и речиси безнадежна стварност. На некој начин, треба на таквата стварност да и’ го покажеме средниот прст, но не со намера да избегаме од неа туку покажувајќи дека имаме сила (а богами и доволно дух) да и’ се спротиставиме на задушувачката глупост која не’ притеснува од сите страни.

Затоа денес ќе се занимаваме со мошне интересниот и знаковит „хорор“ филм од 1988 година на Џон Карпентер, Тие живеат (They Live). Филмот е обид да се деконструира идеологијата на „лажната“ стварност и на луѓето да им се понуди техника на гледање, на разобличување на она што ги задушува и застрашува. Таа техника, во филмот, се очилата за сонце кои во едно тајно засолниште ги пронаоѓа главниот лик, работникот-номад, Џон Нада (шпански збор за ништо, т.е. за пролетер).

Откако Нада ќе ги стави очилата тој гледа дека на рекламното пано пишува OBEY („биди послушен“), додека на другo стои MARRY AND REPRODUCE („венчавај се и размножувај“). Тој исто така ги забележува парите на коишто пишува THIS IS YOUR GOD („ова е твојот бог“). Нада наскоро открива дека многумина од луѓето се вонземјани, но кога се обидува своите сознанија да му ги пренесе на другарот, Френк Армитаж, овој е сосема незаинтересиран. Дури откако ќе се степаат Армитаж прифаќа да ги стави очилата за сонце и да го погледне светот од поинаков агол. Тие двајца во една црква пронаоѓаат и други „борци на отпорот“ и дознаваат дека примарното средство кое вонземјаните го користат за контрола над луѓето е сигналот емитуван од телевизија; тоа е причината зошто граѓаните не можат да ги видат вонземјаните. Во завршната битка, откако ќе ја уништи антената за емитување, Нада е смртно ранет, но како свој последен гест пред да умре, тој на вонземјаните им го покажува средниот прст. Со оглед на тоа дека сигналот е уништен, луѓето во своите срединик почнуваат да ги откриваат вонземјаните.

За филмов има пишувано и Славој Жижек, во неговите постојани цинично-херојски обиди да ги разобличи современите форми на идеологијата. Жижек вели дека филмот не’ поучува дека откако некој предолго гледа во стварноста со критичко-идеолошките очила, тој добива главоболка: мошне е болно да бидеш лишен од лагата и утехата, од идеолошкиот вишок на уживање. За да ја видиме вистинската природа на работите, ни требаат очила, вели Жижек, но не ни треба да ги симнеме „идеолошките очила“ за да ја видиме стварноста, оти ние „природно“ сме во идеологијата, нашиот природен поглед е идеолошки, т.е. лажен и манипулативен.

Уште една многу важна современа димензија ни открива филмот: за разлика од порано, денес идеолошкиот налог е подлабоко скриен. Налогот на господарот е невидлив, имплицитен, под површината. Вистина, идеологијата секогаш во голема мера и се одвивала под површината, низ имплицитни пораки. На пример, следи ја големата Идеја, стани фашист... и ќе можеш да крадеш од Евреите, да ги тепаш и линчуваш – е скриениот дел од пораката, никогаш јавно изречен, но кој се подразбира.

Затоа денес е интересно да се стават разобличувачките очила на Џон Нада: зад патриотските говори на Груевски тогаш ќе го видите отчукувањето на регистер-касите, зад принципиелноста, достоинството и непопустливоста (да речеме, во врска со името или во врска со можностите да се имаат фер избори) ќе видите огромна алчност помешана со страв, зад грижата за мислењето на граѓаните ќе видите наполно потценување и презир спрема сопствените граѓани, и од левите и од десните...

„Како лаеле пците, како било кално – сето ме навјаса сега во темничиштево пално. / Крваво време, сето си гола, измачена мрша! / Со чекан една по една глави бабуњави кршат... / И-и-и-и! Задишени напред вјасаме, не се даваме, настрвени ќе касаме!“

Зборот ми е, троа очила за сонце имаме и околу нас... Блаже Конески, на пример, во една од своите први песни, успеал да го фати, пред многу години, овдешниов хорор кој трае... ВМРО манијакално упорно, речиси без никаква политичка ориентација во просторот и времето, се бори против партизанските сеништа, против одамна пребегнатите во ВМРО „комуњарски елити“, против СДСМ и против Бранко Црвенковски од 1995 година (кога тој, се сеќаваме, на сличен идиотски начин како сега Груевски, но тогаш во обратна насока, не дозволи да има предвремени избори)... Со најновиов политички хаос што го направи ВМРО уште еднаш покажа дека организацијата е лошата карма на оваа нација, карма која зад романтичната образина (зад видливиот слој на пораката) во себе го крие страшното семе на македонските поделби кои никако да овозможат ниту национална ниту државна консолидација...

Кај и да е, почитувани читатели, за да си ги сочувате на купче поблагородните чувства и мисли, препорачувам следните два месеца драстично да ја намалите изложеноста пред опасниот сигнал на телевизијата. Гледајте филмови, читајте добри книги, разговарајте без непријателство (особено со оние од спротивниот политички табор!) и трудете се по секоја цена да ги сочувате нервите, добрите мисли и шансата за иднина макар на вашите деца (кога веќе кретенските политички фаланги ни ја подуништија сегашноста). И сево ова, нагласувам, не за да ги избегнете претстојните избори, туку напротив: со бистар ум да се подготвите за нив, што подобро!