Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-200
8

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


202

ВРЕМЕ НА ПРЕВРТЕНАТА ВОДА (МИЗЕРАБИЛИЗАМ)

06.05.2008



Хорор е ова што се случува
Хорор е кој за тебе одлучува
Хорор е градот во кој живееш
Страшно е, се трудиш да се навикнеш...

Суперхикс, стихови од песната „Хорор“ од албумот „...И сега што?!“

Иако телевизија не гледам повеќе од два месеци, политичкиот ужас во кој живееме пробива низ секое процепче и зашлакува врз ушите и врз зениците со неумолива сила. Дури и новиот албум на еден релативно „лесен“ и непретенциозен бенд каков што е „Суперхикс“ зрачи со солидни дози на мрак (вистина, тоа е креативен и артикулиран мрак, како некаков пробавлив отслик на заканувачкиот мрак на матното секојдневие).

Бегање, значи, напросто, нема. И, дури, тоа е добро! Ако работите набрзо - а многу аргументи има дека ќе се случи така - отидат по ѓаволите, за повеќето од нас, никој нема да може да вели дека не знаел, дека бил наивен, дека го изиграле...

Од тие причини, за да му се спротиставиме на хоророт што стега, јасно, гласно и превентивно треба да се каже: власта на Груевски и Тачи земјава не ја води во добра насока. Дури, „недобрата насока“ звучи благо; земјава оди кон опасни предели, како парче санта кон водопад! И веќе, навистина, не е битно дали гарнитурата на власт што ни го приредува овој кањонски слалом меѓу карпи, е нечија глупава алатка или пеколна машина; доверувајќи го управувањето со овој ионака бушен чамец на кормиларот Груевски ние тргнуваме на патот кон „Београд“ на кој вози Мишко, кој „може и затворених очију“! Бизарниот автобус чиј возач беше Мишко некако успеа да стигне до Белград, но таму веќе паѓаа бомби... Нашиот автобус (т.е. сантата мраз, т.е. чамецот без кормило, но со кормилар) не е толку живописен како автобусот од славниот југословенски филм, ама дека крајот нема да биде баш најсреќен, особено за патниците, тоа просто се чувствува во воздухот, деновиве, во чуднава ни земја. (Рибарите во Србија имаат интересен израз: „се превртела водата“; притоа мислат на периодот кога реката надоаѓа и тињата од дното доаѓа на површина... Е, во такво време живееме, време на превртена вода, кога гадоста од дното станува највидливиот дел на реката.)

Состојбата што ја тресе нацијата (налик на бунило и намалена пресметливост) може да се нарече и мизерабилизам. Терминот го создаде надреалистичкиот папа, Андре Бретон, и тој се однесува на сите општествени, политички и културни стратегии кои граѓаните ги ставаат во положба да бидат доброволни учесници во сопствената деградација. Надоврзувајќи се на Марксовата идеја за акумулација на економската „мизерија“, Бретон излегува од економските категории и го дефинира мизерабилизмот како целосно и системско занемарување на стварноста заради нејзината егзалтирана верзија. Безнадежноста и очајанието на луѓето се енергиите на мизерабилизмот кои понекогаш се придвижени и управувани од мизерни моќници кои на крајот најчесто стануваат жртви на сопствените монструми ослободени од ќупот. Циничната рационализација на човечката духовна и материјална беда е програмско начело на мизерабилизмот кој испаѓа како некаква универзална и севременска идеологија на површни и лажни елити кои пред себе, наместо граѓани, сакаат да имаат поданици со испрани мозоци.

Пред мизерабилизмот се повлекуваат клучните лични и општествени вредности; креативноста, одговорноста и знаењето кај нас во моментов се затепани како фоки со безбол палки, редуцирани се на ниво на инцидент, непризнаени и изолирани. Кога од општествените текови ги отстрануваш овие највитални вредности, кога ги исмејуваш и умртвуваш, тогаш ширум е отворена вратата за манипулирање со јавноста, т.е. за тапоста, некреативноста, некомпетенцијата, неписменоста, импровизацијата, волунтаризмот, празната реторика... А тоа го гледаме на секој чекор, а најмногу го гледаме таму кајшто треба да го има најмалку: во највисоките врвови на власта.

Мизерабилизмот, во крајна линија, е близок да фашизмот, до негувањето авторитарни личности. Адорно одреди цела низа карактеристики на личноста кои го предодредуваат потенцијалот за фашистички и антидемократски склоности и однесувања. Дел од тие карактеристики на авторитарната личност се следниве: склоност да се примаат и извршуваат наредби; страв и несигурност во околности на значајни промени на социјалното опкружување; висока нетолеранција кон се’ што конкретната личност го смета за „ненормално“ (а „нормалноста“ се дефинира во рамките на неговата/нејзината религија, раса, перцепција на историјата, национална припадност, култура, јазик); цинизам и деструктивност; склоност кон суеверие и фолклорна интерпретација на историјата; прифаќање на стереотипи во однос спрема малцинствата, жените, хомосексуалците... Сите овие особини на авторитарната личност (која е неспособна да ја поднесува слободата и да биде одговорна самата за себе) Адорно метафорично ги сосредоточува во фигурата на велосипедист кој е сосема наведнат од струкот угоре, но гази (удира) од струкот надолу.

Такви авторитарни личности во Македонија, за жал, во моментов виреат како печурки по дожд. Семето е посеано! Погледнете ги медиумите претворени во извршители на наредби, мизерните партиски политичарчиња, интернет коментарите...

Иако на ова место секогаш сум се обидувал дополнително да не ги драматизирам нашите ионака хронично напнати состојби, заради важноста на претстојните избори сепак ќе завршам со едно старо и тревожно предупредување: Да грешиш е човечки, но цврсто да истраеш во тоа е ѓаволска работа! (Errare humanum est, perseverare diabolicum!)