Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-200
8

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


204

ДА СЕ ПРИФАТИ ДРУГИОТ

20.05.2008



Во предизборнава зовриеност се добива впечаток дека загрижувачки нараснува една од поновите македонски поделби: меѓу „античките“ и „славо“ Македонците. Поделбава најмногу ја форсираат оние (интересно, главно луѓе од академските кругови) кои изминативе години најмногу придонесоа за „шарлатанизација“ на античкото наследство на овие простори. Агресивноста на „античките“ оди дотаму што јавно врз столбот на срамот се жигосуваат сите Македонци на кои словенството им е примарно културно-историско наследство (на пример, циркулира клип кајшто некогашниот претседател Киро Глигоров „предавнички“ зборува дека современите Македонци се Словени без каква било врска со Александар Македонски).

Расправиве, инаку, не се баш толку нови. Сега само добиваат свое политичко забрзување и (зло)употреба. Продлабочувањето на тие внатрешни македонски поделби го сметам за уште една од многуте сосема погрешни и опасни политики на сегашната власт. Дури и да го нема алармантниот проблем со името и судирот со Грција, форсирањето поделби во една толку осетлива сфера каква што е националниот идентитет навистина зборува, од една страна, за шарлатанската природа на власта, но и за, од друга страна, мошне опасните последици од владеењето на безгрижните културни зевзеци и ајдуци.

Текстов, инаку, ќе се обиде да не ги продлабочува доволно „заспинуваните“ (како со ротациона дупчалка) поделби (налик на дупки, на шевови) врз нешто што би можело да се нарече: културна анамнеза на современиот Македонец. Таа мапа на нашите чувства, мисли и убедувања за сопствениот идентитет е, од една страна, фиктивна и во постојано менување; но, мошне се опасни обидите комплексностите на таа мапа да се отфикарат во име на некоја нововоспоставена и идеологизирана национална хомогенизација. „Идентитетското насилство“ ионака е толку силно на Балканов што е просто логично тоа насилство да почне да се врти и навнатре. „Затепај го Словенот во Македонецот!“ „Затепај го негрчкиот Македонец!“ Затепај го, патем, на ист трошок, и небугарскиот Македонец!“

Еве пример и од сопствениот двор: повеќе од десет години, откако редовно пишувам колумни, уредниците и лекторите, во разни весници, името на бившиот премиер Љубчо Георгиевски секогаш ми го преправале во Љупчо. Не вредело што сум се бунел; низ такви мизерни цензорски гестови се покажувала некаква сомнителна национална правоверност и лажно хомогенизирање на нешто што реално е напукнато: ако Љубчо инсистира дека е Љубчо, како, добога, можете да го менувате неговото име?! Тоа е исто како човек кој променил пол вие и понатаму садистички и перверзно да го третирате со неговиот претходен пол! А притоа во континуитет трае државниот проблем со името! И никој да повлече најпроста аналогија: ако не сакаме некој да го менува нашето име, зошто самите го правиме тоа, макар било на ситно и подло?!

Поделбите не треба да ги продлабочуваме и зашто имаме огромен и сериозен политички проблем од кој пресудно зависи нашата иднина. Во случајов, политиката мора да биде многу поразумна од културните и идентитетските страсти и контроверзи! Политиката мора да понуди нови смирувачки и обединувачки хоризонти, и кон внатре и кон надвор. Тоа, меѓу другото, значи да се прифати комплексноста на прашањето на идентитетот.

Ќе дадам еден интересен пример: како Фројд (кој бил Евреин) одговорил на заканата од фашистичкиот антисемитизам? Така што ги лишил Евреите од нивниот прататко! Последната и, според некои, најважната книга на Фројд, „Мојсиј и монотеизмот“, претставува негов можен одговор на страшната закана на нацизмот. Наместо, како многумина други, презриво да го отфрли нацистичкиот расизам како лоша имитација на еврејскиот мит за „избран народ“, Фројд ги зема на нишан самите Евреи и тврди дека нивниот прататко Мојсиј бил Египјанец! Наспроти историската (не)точност на претпоставкава, она што е важно е нејзината дискурзивна стратегија, вели Славој Жижек: да се покаже дека Евреите веќе се во себе „децентрирани“ и дека нивната „првобитност“ е некаков бриколаж, крпеница. Тешкотијата не лежи во Евреите, туку во трансферот на фашистите кои мислат дека Евреите „стварно го поседуваат она“, агалмата, тајната на својата моќ: антисемитот е оној којшто „верува во Евреите“, така што единствениот начин да се поткопа антисемитизмот се состои во докажувањето дека Евреите не го поседуваат „она“...

Да бидам јасен: за мене нема сомневање дека Грција контра постоењето на Македонецот игра фашистички и расистички. Но, на грчката политичка патологија ние не смееме да одговориме развивајќи ги сопствените нарцистички „метастази на уживањето“! Има многу други аргументи и начини да му се спротиставиме на грчкиот и на кој било друг фашизам (а особено на оној во сопствените редови, кој рефлексно почнува да си ги отвора шлицовите и да ја премерува големината и „староста“ на органите, на „телото на нацијата“). Гестот на Фројд е интересен како една можна насока за размислување.

Повторувам: во ситуација сме кога политиката треба да ја спасува културата! Потребно ни е ново промислување на политичкото како нешто што рационално ги надминува судрените страсти. Комплексниот македонски идентитет треба да биде наше врзивно ткиво, а не нацрт за расшивање. Впрочем, не само на меѓународен план туку и внатрешно и поединечно, ми се чини дека е важно да застанеме зад онаа дефиниција која вели дека „културата е способност на некоја земја да ја прифати културата на другите“. Попросто: и античкиот и словенскиот и хеленскиот и бугарскиот Македонец, за промена, би можеле да се обидат меѓусебно да се прифатат!