|
205
ТУРНИР НА ГРБАВЦИ
27.05.2008
Пред мошне
отмена, деколтирана и во фракови вдената публика, филмскиот гениј,
АлфредХичкок, во една пригода вака го завршил својот говор: “Ми
велат дека убиство се извршува секоја минута; според тоа, не сакам
веќе да трошам од вашето скапоцено време. Знам дека копнеете да се
фатите за работа. Благодарам.”
Ете, на тие зборови ме потсеќа секоја предизборна кампања, откако ги
памтам: зад секоја изречена партиска демагошка будалаштина просто
зрачи нивната страст сериозно “да се фатат за работа”, т.е. конечно
да почнат да работат пиштолите, ножевите и отровите.
Малкуцка ми е жал што во метафориве и на опозицијата & припишувам
убиствени намери (оти неспоредливо поголема доза на насилство и
нааканост доаѓа од страна на власта); само, се разбира, не треба да
се заборави: и сегашната опозиција, колку до вчера, беше на власт и
повеќе-помалку беше речиси исто толку лоша во владеењето, како и
сегашната власт.
Океј, можеби Шекеринска е таа долгоочекувана нова енергија на
македонската политичка сцена, олицетворение на коперниканскиот
пресврт по кој сите копнееме од осамостојувањето навака: политиката
да не биде мафијашка пресметка и силеџиска делба на пленот туку
работа на принципи, правда и долгорочни визии. Велам, можеби едно
делче од силната и важна политичка енергија на Шекеринска ја еманира
(или ја вшмукува) таа голема национална потреба, конечно да се
поставиме на нормален и колку-толку цврст колосек, кој ќе успее да
ја издржи не баш малата тежина на сите наши не баш безначајни
поделби. Целата нација од првите повеќепартиски избори чека некој
(речиси како со чекан!) да ја демантира (или да ја демонтира)
старата руска пословица, со толку длабоки корени овде: “За правдата
слушаме, но неправдата цело време ја гледаме”.
А сепак, и покрај снажната харизма со која Шекеринска во кампањава
речиси го мете несреќниот Груевски по патосот на македонскиот
пеливански ринг (кој, вистина е, повеќе наликува на некој
мексикански кокошарник адаптиран за борби на кучиња отколку на
Медисон Сквер Гарден), факт е дека целокупната кампања на
опозицијата е бледа и неинвентивна да проплакување. Значи, и покрај
фактот што Груевски веќе во првиве десетина рунди “попи” барем
пет-шест нокдауни (дури и без директен дуел, Груевски ги прима
ударите ко во “Матрикс”, без и да знае од кај доаѓаат, а голем дел
од нив самиот си ги задава, како во “Фајт клаб”), факт е дека
Шекеринска нема кредибилна екипа на нивото на сопствената политичка
харизма (во која, ај и тоа да го признаеме, има и доста наши
“електорски проекции”, зарем не?; го има она за што претходно
зборував, копнеж по некоја не-баш-до-тој-степен безнадежна
Македонија).
Ако избориве, значи, ги добие Шекеринска, земјава нема
(мар/к/совски) да се постави на глава, и покрај тоа што е голема
веројатноста дека Груевски ќе биде нокаутиран во директниот дуел со
“сукњата” (во зен варијантите таа сукња наликува на Ума Турман од
“Кил Бил”, а јадните вмровци, без и да се свесни за “ножовите во
грб”, само ќе го гледаат чудниот танц на ткаенините).
Значи, да не комплицирам, се разбира дека секој малкуцка
поеманципиран човек (а пред с$ - жена!) во земјава во недела ќе
гласа за Шекеринска. Тоа не е спорно (не е спорно дека со тоа се
гласа против одбивната и застарена мачо култура на Бранко, Љубчо,
Тачи, Ахмети, Грујо итн.). Спорно е сето друго: на пример, ако ги
добие избориве, дали сегашната опозиција навистина ќе успее да
“пропее за слободата”, како што закатанчени сонуваме за неа?!
Инаку, однесувањето на власта во предизборнава кампања е под сите
нивоа на пристојност и демократија. Речиси сите медиуми дишат на
жабри или низ кожа, со чизмата на власта врз вратот. Олку грубо
еднострано, колку што памтам, беше само во 1994 година кога
сдсмовската власт исто така ловеше апсолутно мнозинство во
парламентот. За тоа време Европа помина четрнаесет светлосни години,
но Груевски по стоти пат изминативе десетина години ги повторува
најкатастрофалните политички фрустрации на вмровскиот папа, Љубчо
Георгиевски. А неверојатно лошата кампања на власта, и покрај
огромните пари, само уште еднаш ги оцртува стратешки погрешните
насоки по кои чекори ВМРО ДПМНЕ.
Кукавичлакот на медиумите е посебна работа. Во страв да не им ги
украдат “репетиторите”, или во страв да не дојдат даночници,
испекции, рекетари или, едноставно, Алфи – повеќето медиуми избираат
да се претворат во таблоиди, во очајно жолто новинарство, страсно
посакувано од секоја тоталитарна власт која сака да ги манипулира и
насочува емоциите на граѓаните. Тој рефлекс беше мошне забележителен
во кампањава – “не, ние не сме провладини, само поинтересни ни се
инцестот, силувачите и педофилијата”. Дури кога чудесниот Јанко
Национале и не сакајќи ја инаугурира Шекеринска во речиси
ултимативен водач на некоја понормална Македонија, дури тогаш и
другите медиуми срамежливо почнаа да се отвораат кон опозицијата.
Така Јади Бурек само си го потврди статусот на клучна медиумска
фигура, што најдобро зборува (не толку за неговиот неоспорен
“боратовски” новинарски профил) за гротескноста на целокупната јавна
сцена во Македонија.
Часлав Милош за литературата велеше дека е “турнир на грбавци”. Ако
книжевноста е тоа, како тогаш да ги наречеме македонските медиуми
впрегнати во предизборново орање? Волови?! Франкенштајнови
чудовишта?! Дно на дното?! Најмизерниот талог на ова ионака во талог
набиено општество? Борба меѓу полноглавци?!
Ни треба црвена линија, дефинитивно. Но, црвена линија на
нормалноста. Црвена линија која ќе ја одвои пропагандната стварност
од просторот кој не е за огласување.
|