Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-200
8

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


207

ЧЕКАЈЌИ ГО СПАСИТЕЛОТ

10.06.2008



Зошто ВМРО ДПМНЕ толку убедливо ги доби изборите? Зошто, пак, СДСМ, по изборниот триумф 2002 година, еве веќе шест години константно ја губи поддршката меѓу граѓаните? И како расположението на народот спрема двете најголеми партии влијае врз магистралните насоки по кои се движи општеството?
Ми се чини дека клучниот чинител што ги реши изборите е народната потреба од хомогенизација, и тоа врз етничка основа, кога веќе нема друга. Таа потреба од збивање на редовите, потреба за униформирање и стишување на разликите, се јавува во историски периоди на голема несигурност и нараснати стравови. Да, малку е парадоксално: оној што ја создава состојбата на несигурност најмногу профитира од неа како единствен можен спасител; но тој филм толку често сме го гледале во историјата што баш и нема простор за големо чудење (најновата спектакуларна ролја во таквиот тип најчесто крвави историски епови – „го враќаме достоинството на народот“, „ќе јадеме корења, ако треба“, „ќе изградиме уште поубав и постар Дубровник“, „ја победивме злосторничката НАТО алијанса“ итн. – ја одигра Слободан Милошевиќ во текот на деведесеттите).
Букурешт за нас беше преломниот настан. Уште еднаш Македонецот се најде притеснет меѓу „исток не’ отпишуе, запад не не’ запишуе“. Просто несвесно целата нација беше ставена пред избор: Европа или идентитет. И, се разбира (и покрај тоа што барем дваесетина проценти од етничките Македонци и речиси сите македонски Албанци нагло го променија мислењето по Букурешт), мнозинството разумно го избра „идентитетот“ (иако тој и не беше доведен во прашање, но такви беа перцепциите; велам, „идентитетот“ е разумен избор, пред да се „интегрирате“ со некого, оти токму идентитетот е интеграцискиот влог; ако негде влегувате, носите со себе одредена супстанција, макар и да сте невидливи како Железната шепа од стриповите).
Антигрчкото расположение беше и можеби се’ уште е клучната енергија во земјава зашто само низ таа енергија во моментов успева да се артикулира фрустрантно и хронично дефанзивниот македонски национализам. Можно е Грците намерно да ги испровоцираа ниските страсти на Македонецот, знаејќи дека никој не може да ти наштети повеќе од што можеш самиот (слично е и во обратна насока: во последниов век никој повеќе од Грците изминативе 15 години не придонесол во светот да се слушне македонскиот глас и вистина).
Откако се создаде таа перверзна самоуништувачка динамика (во народот позната како избор пред дилемата: „змија да те апне или магаре да ти го бапне“), на Грците им преостана само да гледаат сеир, т.е. како си бодеме дополнителни трнови во, вистина е, сепак не баш здравите нозе („ако не знаеме да работиме, барем знаеме да се тепаме“, велеше Милошевиќ; „ако не знам да чекорам можам да ползам“, вели Македонецот со нозете начичкани со трнови).
Наполно, значи, разбиени однатре (што од незаузданиот грабежлив капитализам, што од локалната политичка мафија, што од ужасно несигурниот регионален контекст), што ни останува друго освен да сонуваме сништа за сила и обединување? Што имаме друго, вака хаотиочно атомизирани, освен копнежот по ред и хомогенизација?! (Се разбира, тој копнеж по ред и единство најчесто води во ужасни тоталитаризми, но за тоа ќе мислиме накнадно.)
Помеѓу магарето и змијата, т.е. меѓу опасноста од потенцијално деспотска власт и опасноста од понатамошно општествено разбивање, граѓаните одлучија да се обединуваме околу нацијата, поточно секој околу својот етнос. Го решија тоа зашто во земјава се’ потешко се носат заеднички одлуки, а уште потешко се спроведуваат во дело. Токму поради нашата разбиеност подобро е некој друг да мисли за нас и да не’ обединува, макар со лаги или дури со терор.
Да бидам конкретен: ниту ВМРО е толку добар во политичките игри, ниту СДСМ е толку лош; во недостиг на автентична внатрешна сила и идеи партиите кај нас преживуваат ловејќи ги ветровите и однесувајќи се како едрилици, вечно во потрага по „проветрени“ патеки.
Груевски, значи, се наоѓа пред неверојатно тешка задача, која самиот си ја бараше: да ја обедини по сите шевови тотално растурената земја (само грабежот и стравот создаваат минимални интегрирачки јазли во фрагментизираново општество). Ако премиерот се обиде со проверените методи, национализам и тоталитаризам, релативно брзо ќе заврши на буништето на историјата, слично како Милошевиќ, а земјата ќе ја остави во уште потешка состојба (слично како Милошевиќ). Друга погонска сила за обединување на нацијата кај Груевски не гледам, и тоа е она што им предизвикува морници на се’ помалубројните слободномислечки граѓани (т.е. оние на кои главите се’ уште не им се повлечени во огромните барабани за миење мозоци, центрифугите врз кои стојат чудовишните кербери-тапанари од типот на Латас и Јанко Јади Бурек).
Во актуелниов историски миг Македонецот ми личи на стариот Евреин од славниот виц, кој животот го поминувал седејќи на една клупа, крај синагогата, некаде во источна Европа. Еднаш еден патник застанал пред старецот. „Што правите тука?“, прашал патникот. „Го чекам доаѓањето на Месија.“ „Тоа навистина е важна работа, претпоставувам дека заедницата ве плаќа?“, прашал патникот. „Не, никако. Ништо не ми плаќаат. Само допуштаат да седам на клупава. Повремено некој излегува и ми дава малку храна“, рекол старецот. „Веројатно ви е тешко. Но, дури и ако не ве плаќаат, сигурно ве почитуваат зашто сте се нафатиле на толку тешка работа“, рекол патникот. „Не, воопшто. Сите тие мислат дека сум луд“, рекол старецот. „Не разбирам. Не ве плаќаат, не ве почитуваат, вие седите тука на студенилово, се тресете гладен. Каква е таа работа?“, рекол патникот.
„Тоа е постојана работа“, рекол стариот Евреин.