|
208
1968 – ДУХОТ НА МРТВИОТ ТАТКО
17.06.2008
Низ прашината
го барам гордиот татко...
Хамлет
Деновиве се навршуваат четириесет години од славното студентско
движење. „1968“ денес е фетиш, митска слика за една генерација која,
во меѓувреме, успеа да го уништи сето она што денес се’ уште
носталгично го продава. Некогашните хипици денес се јапији,
бунтовниците против виетнамската војна денес го предводат светот во
борба против „тероризмот“.
„Ова е само почеток!“, велеше еден од најславните париски графити,
кој се појави пред крајот на протестите. И Џони Штулиќ 1986 пееше:
„šest deset, vratiće se opet osam šest deset“. Денес знаеме дека тоа
не беше почеток, туку крај, дибидус завршеток на едно време во кое
се’ уште постоеја идеи и идеали и кога луѓето беа спремни да се
жртвуваат и борат. Еден значаен дел на таа борба беше насочен против
потрошувачкото општество кое со галопирачка брзина се наметнуваше
носејќи ја лажната слобода на избор.
Каков фетиш е приказната за „1968“ убаво покажува една книга со
фотографии, неодамна објавена во Париз. Книгата се вика Мај ’68 –
калдрма (Mai 68 – le pave). Во согласност со новото божемски
„постидеолошко“ доба книгата е тотално дизајнирана: личи на коцка од
калдрма, а насловната страница дури и на допир потсетува на камен.
Еден париски јувелир, пак, исфрли специјална линија на привезоци во
форма на коцки од калдрма.
Таквото фетишизирање, се разбира, го негира она што го симболизира.
Орудието за бунт се претвора во безопасен сувенир. Денес околу тоа,
повеќе-помалку, се согласуваат и левите и десните критичари на
1968-та, и учесниците и набљудувачите: не стануваше збор за
револуција туку за псевдо-револуција, а актерите од 1968 беа
несвесни протагонисти на процесот (по име: корпоративен капитализам)
кој ги вшмука и исплука.
На некој начин, мај 1968 беше втемелувачки мит на современото
француско општество, момент кога беа отфрлени застарените принципи и
кога индивидуата го победи едноумието. Но, денес на власт во
Франција се оние што беа против „шеесетосмашите“. А митската
„втемелувачка“ приказна служи за вртење пари: само издавачите во
Франција изминативе неколку месеци објавија над сто добро продавани
наслови за 1968.
А сепак, сосема би ја промашиле суштината кога „1968“ би ја
прогласиле исклучиво за лага и изневера. „1968“ го промени светот,
не само во мигот туку во континуитет. Најголемите промени се случија
на културните и општествените нивоа. Започна сексуалното
ослободување, почна да се развива феминизмот, се појавија нови
општествени вредности какви што се креативноста,
мултидисциплинарноста, инклузивноста; поединецот прв пат толку
снажно и масовно се обиде да го стави фокусот врз себе, не врз
колективот, и да ги отфрли традиционалните преовладувачки правила.
Поимот авторитет беше ставен под прашање. Променета беше педагошката
практика (еден од најславните слогани гласеше: „Забрането е
забранувањето!“). Ученикот веќе не беше објект туку субјект кој има
право да учествува во образовниот систем. Порасна значењето на
правото да се дебатира и слободното изразување. Авторитарната
дисциплина го препушти местото на заедничкото учество во
донесувањето одлуки.
Духот на „1968“ свој најсведен израз најде во графитите. Многу од
тие графити станаа наследство и на новите поколенија: Да бидеме
реални – го бараме невозможното! Барикадите ја затвораат улицата, но
отвораат пат. Бегај, друже, стариот свет трча по тебе. Полицијата ви
се обраќа секоја вечер во 20 ч (ОРТФ, радио-телевизија). Дури и
Господ да постои, треба да се укине.
Освен тоа, важно е да се напомене дека планетарната 1968 не може да
се сведе само на парискиот мај. Во САД, бунтовите на студентите беа
насочени против американскиот империјализам и расизам; во Германија
против конзервативните структури на општеството и против
наследството од Втората светска војна; во Чехословачка против
доминацијата на СССР; во Мексико протестот беше насочен против
повеќедецениската доминација на Револуционерната институционална
партија (десет дена пред Олимпијадата во Мексико полицијата уби
околу 300 демонстранти).
Заедничко за сите овие настани е еманципаторскиот потенцијал кој
доаѓа од отпорот спрема идеолошкиот апарат во сите негови форми.
Така беше и во Југославија, пред се’ во Белград (каде што студираа
многубројни македонски студенти кои дел од бунтовничката енергија во
почетокот на седумдесеттите преселија во Скопје, што снажно се осети
и во политиката и во културата).
Некои од белградските пароли беа: Долу со црвената буржоазија! Долу
со кнезовите на социјализмот! Работниците се виткаат – бирократите
уживаат. Ако парискиот мај енергично укажа на проблемот на
загрозеноста на поединецот во корпоративниот капитализам, клучната
идеја на белградскиот јуни беше опасноста идејата на револуцијата да
биде уништена во реалниот социјализам. Малку парадоксално, но
главната идеја на белградскиот бунт беше барањето да се вратат
изворните револуционерни принципи. Има еден интересен виц од тоа
време. Доаѓа студент во библиотеката на Правниот факултет и ја бара
„Државата и револуцијата“ од Ленин. Библиотекарката одговара: „Жал
ми е; државата ја имаме, ама револуцијата веќе ни е издадена!“
На југословенските бунтовници (кои во голема мера се бунеа и против
„раскажувачкиот терор“ на татковците) не им паѓаа на ум работи од
типот: цивилно општество, човечки права, мрханизми за општествена
контрола над репресивните државни апарати, неутрални и независни од
волјата на владејачката партија медиуми во државна сопственост или
раздвојување на судската, извршната и законодавната власт. Она по
што тие пиштеа не беше демократијата туку диктатурата на
комунистичката доблест!
Денешните „татковци“ (олицетворени во владеачката политичка класа,
ширум светот) исто толку се лажни, манипулативни, демагошки и
застарени како авторитетите пред четириесет години. Дали разликата е
во децата?!
|