Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-200
8

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


210

ШАШАРДИСАН, ПРЕД АВИОНОТ ЗА ЗАПРАШУВАЊЕ

01.07.2008

 


Во неколку филмови на Хичкок се појавува ист впечатлив мотив: главниот лик е поосамен и поизолиран во толпа отколку на пусто место. Затоа тој пред прогонувачите често се крие по кина, политички собири, лицитации, добротворни приредби... Но, таа понекогаш засолнувачка „изолираност во средиштето на јавното“ најчесто е придружена со зајакнато чувство на немоќ и неможност да се побара спас меѓу луѓето. Во Саботер (1942), на пример, во една балска сала полна со луѓе на прием, двајцата главни ликови, мажот и девојката, се сосема опколени на јавно место! Самиот Хичкок во разговорите со Трифо ја коментира ситуацијата: „Да сте вие во таква ситуација, ќе пријдете било кому и ќе кажете: ’Јас овде сум заробен’. А тој би ви одговорил: ’Вие сте сосема луд.’ Потоа приоѓате до кои било врата или прозорец и таму се негативците што ве чекаат. Фантастична ситуација, неверојатна, од која е мошне тешко да се излезе.“ Во Човекот што премногу знаеше (1955), се случува нешто слично, кога Џејмс Стјуарт залудно им се обраќа на сите полицајци што ги сретнува во ходниците на Алберт Хол за да ги извести дека убиецот подготвува убиство на амбасадорот. Сличен кошмар преживува и Кери Грант во Север-северозапад (1959), случајно упаѓајќи во крупна политичко-криминална игра: него опасностите го демнат и во прометната зграда на Обединетите нации, но и на пусти полиња (славната сцена со авионот за запрашување; ’запрашувањето овде’ може да се разбере и како ’поставување прашања’)...
Конечно да ја направам клучната споредба за денес: пишувањето колумни наликува на (залудно) барање помош во суперјавен простор. Во поданички средини, пак, во кои доволно не е осознаена дури ни смислата на утешителното постоење на јавната кауза, чувството на залудност и немоќ е уште поголемо. Колумнистот кој и’ се спротиставува на власта брзопотезно се прогласува за „петта колона“. Не само што се изолира (на пусто поле), туку му пуштаат и авион за запрашување! Кој било, всушност, кој дига глас против незаузданата и мошне опасна власт се прогласува за предавник и остаток на мизерната опозиција која треба да се дотолчи, и во државните институции и во урнатините на институциите на јавноста.
(Кога веќе зборуваме за институции и градби, корисно ќе биде да потсетам: зборот ’columna’ на латински првобитно означувал столб. Во францускиот и италијанскиот зборот е малку изменет: colonne, односно collona. Од тие јазици ние исто така сме го презеле зборот колона, но кај нас колона најчесто значи одред во марш, а не столб. Сепак, го користиме зборот колонада, изведен од латинската columna, за ред столбови во архитектурата. Зборот ’колумна’, инаку, во значење на новинарски жанр, краток новински текст во должина од еден „столб“, кај нас не е преземен од латинскиот туку од англискиот, column, како многу други зборови по Втората светска војна. Белградскиот колумнист Јован Ќирилов препорачува зборот колумна никако да не се доведува во врска со англискиот збор calumny, кој значи клевета, иако, повторувам, нашата актуелна власт оди дотаму што колумната ја разбира ем како клевета, ем како ’петта колона’. Синтагмата ’петта колона’, инаку, ја сковал Франковиот генерал Емилио Мола за време на Шпанската граѓанска војна, кога се пофалил дека во опколувањето на републиканскиот Мадрид учествуваат неговите четири колони и петтата, quinto columna, која за него работи однатре.)
Да се вратам на политичкото чувство на осаменост и изолираност, иако привидно ставен под светлината на рефлекторите. Значи, иако како политички инакумислечко малцинство суштински си немоќен и небитен, за нашиве десни болшевици на власт (како излезени од „1984“ на Орвел, според својата страст да владеат тотално) тоа не е доволно: треба да ја засакаш нивната идиотска и самоубиствена идеологија, треба да станеш ист таков тутучки националист за тотално хомогенизираната јавноста воопшто да те прими. А тој тутучки национализам (луда комбинација од античко македонство и мрако-православие) не само што е актуелниот опиум за идиоти и димната завеса зад која „Фамилијата“ непречено ќе ја претвора републикава во феуд, туку е и најбрз пат земјава да го изгуби правото на некоја понормална и подемократска иднина.
Работата со национализмот кај нас дотолку е покомплицирана зашто во Македонија постои големо и мошне влијателно албанско малцинство чијшто национализам многу често е во застрашувачки интерференции со вртлозите на македонскиот национализам. Иако во моментов македонскиот и грчкиот национализам се приштекани еден за друг како некое чудовишно тело разбиено во два организми (така што ем античката ем православната крв циркулираат во двете насоки, без, верувале или не, какво било крвно мешање), она што е опасно за нашата држава, а пред се’ за нашето општество, се рефлексиите на тие „православни“ национализми врз албанскиот кој само наизглед непоправливо е заглавен во 19 век (што, пак, исто ги инспирира македонските националисти да преземаат трагично-смешни потфати од времето на класицизмот и романтизмот – доволно е да се види целокупната културна политика на сегашнава власт за човек да сфати дека и модернистичкиот 20 век е недостижен футуризам за поголемиот дел од македонската културна „елита“).
Има ли спас во нашиот филм?! Реално – нема. Теориски, спасот е во она од што Македонецот (како и Србинот, Гркот, Бугаринот...) најмногу се плаши – во Другиот, кој нема да дозволи да се самоуништиш во опсценоста на уживањето во себе... Политички просто речено: спасот е во прифаќањето на Другиот, пред се’ на оној што политички размислува поинаку од тебе, а потоа прифаќање и на Албанецот, Гркот итн., на „нешто во тебе што е повеќе од тебе“...