|
211
ВО САЛАТА СО ОГЛЕДАЛА
08.07.2008
Има еден добар виц во кој главните улоги некогаш ги играа Бил
Клинтон и Биби Нетанахју, а денес актерите се Џорџ Буш и Никола
Груевски.
Дошол еден ден Буш во канцеларијата на Груевски и на масата
здогледал таинствен син телефон. „Зошто служи телефонов?“, прашал
Буш. Груевски одговорил дека со тој апарат се воспоставува врска
директно со Севишниот на Небото. Кога се вратил во САД, завидливиот
Буш од својата тајна служба побарал по секоја цена да му набават
еден таков телефон. Две недели подоцна на Буш му го доставиле
телефонот, и функционирал, само што сметката била астрономска – два
милиони долари за минута разговор со Севишниот. Тогаш Буш бесно го
повикал Груевски и му се пожалил: „Како можете да си дозволите таков
телефон кога дури и ние, кои финансиски ве помагаме, тоа не можеме
да си го дозволиме?“ Груевски мирно одговорил: „Не е во тоа
работата, Џорџ! За нас Македонците повикот кон горе се смета по
локална тарифа!“
Постои и еден брилијантен афоризам кој совршено зборува за
актуелниот миг на Македонецот: „На добар пат сме. Сите не’
прегазија.“
Афоризмов би бил мошне добар и кога би зборувал само за актуелната
лоша политика која не’ води по погрешни патишта. Но, аформизмот е
дотолку подобар зашто иронично зборува и за опседнатоста на
Македонецот со својата неспоредлива ем историска ем гео-стратешка
позиција околу која (или врз која) врват сите можни патишта на
светот.
Се шегувам, вака благо и во суштина добронамерно, со цел уште еднаш
да се укаже, воочи формирањето на „освежената“ влада, на лошата
досегашна политика во сферата на културата, на идентитетот, на
себесогледувањето... (До)сегашната власт навистина направи
каша-попара во идентитетското позиционирање на современиот Македонец
и во тој поглед очекуваме да се случи промена на актуелната
контрапродуктивна политика.
На пример, под диктат на претенциозната но неука власт и нејзините
се’ помногубројни културни и медиумски сателити (кои со својата
страст да служат ја извртуваат целокупната демократска гравитација)
македонската етнополитика се обидува да го направи невозможното: да
ги спои фашизмот и антифашизмот, „античкиот“ и словенскиот
идентитет, десното и левото ВМРО, а вештачки обединетото, пак, ВМРО
со партизаните итн. На дело е обидот да се создаде еден нов
национално-идеолошки амалгам кој, наместо да делува помирително и
обединувачки и на внатрешен и на регионален и на европски план, ќе
создаде само нови идентитетски проблеми кои ни пес со масло не би
можел да ги проголта. Наместо, значи, да ја форсираме мачката која
лови и бели и црни глувци, ние создаваме гладни и фрустрирани кучиња
кои се прождираат меѓусебе. На тоа наликува идеолошката атмосфера
кај нас.
Рационалната политика која води внимание за внатрешната, за
регионалната и за европската деликатност (особено во мигов, кога
многу работи се’ уште се отворени!) кај нас, особено по букурешкото
фијаско, се прогласува за неморална и непатриотска. Предавници и
изроди се оние што застапуваат каква било друга политика која му се
спротиставува на колективистичкиот („народно-олигархиски“)
консензус. А општеството, наместо да ја преземе контролата над
политиката, се бутка во смрдливо топлите пазуви на „народната
волја“, дозволувајќи да биде наполно контролирано од политиката,
т.е. дозволувајќи реално укинување на демократијата.
Врз задоцнети националистички матрици, значи, македонските поделби
можат само привремено да се замрзнат, до ново скорешно
распламтување. Сегашниот обид за хомогенизација на општеството пред
ужасната грчка политика во перспектива ќе ги продлабочи нашите
поделби, зашто играта со Грција не може да се добие со следење на
нивната тактика: шовинистички презир спрема другиот до ниво на
расизам и колонијализам. Но, дури и да го нема алармантниот проблем
со Грција, билдањето помпезни национални чувства наспроти
секојдневната беда и мизерија навистина зборува, од една страна, за
неодговорноста на власта, но и за, од друга страна, мошне опасните
последици од владеењето на безгрижните културни и политички зевзеци
и ајдуци.
Велам, дури и да го немаме мошне сериозниот политички проблем со
Грција, ние пак не смееме да си играме шашма со идентитетските
политики. Зашто, во крајна линија, политиката мора да биде многу
поразумна од културните и идентитетските страсти и контроверзи!
Политиката мора да понуди нови смирувачки и обединувачки хоризонти,
и кон внатре и кон надвор.
Во тој контекст, ќе завршам со поттикнувачките зборови на еден
израелски новинар, изречени 1983 година, по упадот на Израелската
војска во Либан и по големото страдање на цивилното население:
„Можеме и понатаму вака да ги создаваме и одразуваме сликите кои
веќе ги имаме стекнато едните за другите, па да ги одразуваме и тие
одрази – бескрајно и со омраза – како во некоја сала полна со
огледала. На крајот сите ние – Палестинците, Израелците и Арапите –
ќе останеме заклучани во бескрајната и крвава агонија во салата на
огледала која самите ја создадовме, а од која нема излез.
Или можеме да тргнеме од почеток, воведувајќи одреден интегритет –
одредена благородност – во употребата на јазикот.
Тоа не е претешко. Тоа е најлесната од сите тешки работи кои мораат
да се направат ако воопшто сакаме да живееме во мир со другите луѓе,
па така и со самите себе.“ (Мајкл Елкинс, Јерусалем Пост, 13. 11.
1983)
|