Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-200
8

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


219

КАМИЛИТЕ НА АЛЕКСАНДАР

02.09.2008

 


Ако имаме среќа, наскоро Американците (како деус екс махина, пред комедијава да стане трагедија) ќе го пресечат Гордиевиот јазол во кој до перверзија се вплеткани грчко-македонските идентитетски фрустрации. Улогата на „дух од машина“ сосема и’ прилага на американската политичка практичност, но едновремено укажува и на тоа во чии раце денес се наоѓа „мечот на Александар“. Веројатно само удар на меч може конечно склоноста на двете антагонизирани култури кон (тоталитарна) национална хомогенизација да ја преобрази во (утилитарно) меѓусебно поднесување, т.е. подесување на балканските мери кон европските.
Оти, вака, како што хипертрофира (во ентропија) националната самосвест, дотолку атрофираат свеста и разумот. Македонија, во случајов, е дури позагрижувачки случај и од Грција, зашто нејзиното раководство (а, за жал, следствено, и голем дел од граѓаните) дополнително го пумпа ионака прекумерниот (просто ендемски) балкански фанатичен ирационализам. Колку повеќе паѓаме и заостануваме дури и во регионалните поврзувања, толку повеќе се велича неспоредливата и прадревна македонштина.
Затоа го посакуваме американскиот меч - да се прекине злоупотребата на народните чувства во функција на мизерните културно-политички олигархии кои доцнат стотина години зад времето кога во Европа спомнувањето на националниот идентитет предизвикуваше фаќање на пиштолите и бомбите.
Иако можеби нема некаква подлабока историско-политичка логика и иако изгледа шашаво, факт е: Грција и Македонија на почетокот на 21 век слободно можат да го преземат неславниот венец што до пред сто години го носеше Турција (а до неодамна Србија) на „најголем медицински случај во Европа“. Ваквите нарцистички забегани Грција и Македонија, како што се развиваат глобалните политики (борба за контрола над Задкавказјето, односите меѓу Русија и Европа, Азија и Европа итн.) дури стануваат поширок, интерконтинетален проблем, а не се само грдото лице на Европа и потсетување на мрачните закани, и оние од минатотото и оние од иднината.
Докажувањето кој го има монополот врз неколкуилјадната историја на овие простори во себе содржи, значи, не само потенцијално сериозни политички опасности, туку и една неподнослива доза на агресивен провинцијализам и примитивизам и, во крајна линија, на еден застрашувачки лажен и кичерски „државотворен“ светоглед. Низ таа оптика на кичот, прашањето дали Александар Велики бил Грк или Македонец ми наликува на смешната српско-хрватска расправа, пред триесетина години, за тоа чие е панаѓурското лицитарско срце, тестенцето од шербет понекогаш по панаѓурите накитено со стакленца и фотографии. Српско е или хрватско? Расправата (токму како со удар во Гордиевиот јазол!) брилијантно ја разреши Данило Киш, најголемиот југословенски писател во тоа време, кој напиша дека уште како дете, по панаѓурите во Унгарија, го гледал истото тоа лицитарско срце со огледалце, „во триколор, црвено-бело-зелено, сосема оригинално и сосема национално, со розета од фондан, со бела кандит-чипка околу сликичките на хусарите во автентичните унгарски црвени долами или околу румените чардаш-снашки со бисерни парти над челото, со зелените блузи и белите кратки сукњи во жипони и со како крв црвените чизмички врз кои цветаат тулипани - се’ во најавтентичен национален стил, до последната фалта на сукњата“.
Александар Велики комплет со фалангите и штитовите што висат по „патриотските“ крчми (и според кого се именуваат националните институции, и ваму и таму), како панаѓурски симбол и слика и прилика на таа лунапарковска националистичка свест, по ништо не се разликува од панаѓурските митологеми од тестенина и шербет, како што вели Киш. Самото прашање за тоа чиј е Александар е панаѓурско прашање, во крајна линија бесмислено и шупливо токму како лицитарското срце.
Ќе завршам со Борхес, една од најважните културни фигури на 20 век (самиот е еден од неколкуте најважни симболи на тој век!) која во голема мера ги формираше естетските светогледи на неколку генерации (меѓу другото, од под шинелот на Борхес произлезе и волшебната и се’ уште поттикнувачка Кишова по-етика). Со оглед на тоа дека и самиот, особено на почетокот на кариерата, бил напаѓан дека не е доволно „национален“, Борхес во својот есеј „Писателот и традицијата“ се реши да одговори со помош на еден парадокс:
„Пред некој ден открив чудна потврда на фактот дека вистински типичните црти можат да бидат лишени од локалната боја - и дека најчесто токму се лишени; таа потврда ја открив во Гибоновата „Историја на подемот и падот на Римското царство“; Гибон забележува дека во Коранот, таа арапска книга par excellence, не наоѓаме камили: да постоеше некаков сомнеж во изворноста на Коранот, мислам дека тоа отсуство на камилите ќе беше доволно да го потврди неговото арапско потекло. Коранот го напишал Мухамед, а Мухамед, како Арапин, немал никакви причини за да знае дека камилите се арапска посебност; за него тие биле составен дел од стварноста. Наспроти него, некаков кривотворител, некаков турист, некаков арапски националист, веднаш ќе почнеше да се размавтува со камилите и со камилските каравани на секоја страница. Но, Мухамед бил мирен: знаел дека може да биде Арапин и без камилите.“