|
|
Промотивна турнеја на македонската
верзија на
лиценците Криејтив комонс
Дом на култура, Струмица
16 октомври 2007 г. во 20 ч.
Лица за контакт: Филип Стојановски (Метаморфозис)
3109 325 или 075 495 306
Роберт Алаѓозовски (Контрапункт)
3225825 или 075441764
Фондацијата Метаморфозис во соработка со НВО Контрапункт ќе одржи
серија културни настани низ Македонија со цел меѓу уметниците да ги
промовира лиценците Криејтив комонс, веќе локализирани на македонски
јазик.
На 16 октомври 2007 година со почеток во 20:00 во домот на култура во
Струмица ќе се одржи првото од седумте претставувања на македонската
верзија на лиценците. Четворица млади графички дизајнери, фотографи и
сликари од Струмица ќе се претстават со своите најнови дела на
заедничка изложба. Ване Косуранов, Мери Доневска, Милена Станишлевиќ и
Столе Ангелов се подготвени своите фотографии, слики и графички
решенија да ги објават под лиценцата Криејтив комонс и со тоа да ги
направат достапни за користење преку интернет.
Освен во Струмица, во периодот октомври – ноември, промотивни настани
на кои ќе се претстават локалните автори подготвени да работат со
лиценцата ќе се одржат и во Велес, Неготино, Тетово, Охрид и Скопје.
Македонската верзија на Криејтив комонс, светски познатите лиценци кои
овозможуваат ширење на слободна култура, беше промовирана во јуни. Со
прилагодувањето на лиценците на нејзиниот правен систем Македонија
стана 38 земја-членка на семејството на Криејтив комонс.
Системот на Криејтив комонс е дел од системот за заштита на авторските
права, со кој на авторите им се олеснува комуникацијата со публиката и
другите автори сакаат да ги користат нивните дела како основа за
своето творештво.
Покрај локализирањето на соодветниот дел за издавање лиценци на
веб-сајтот на централниот Криејтив комонс, Фондацијата Метаморфозис го
објави отворањето и на Македонскиот портал наменет за поттикнување
развој на е-содржини и нивна поголема промоција –
www.cc.org.mk Преку
порталот сите автори на е-содржини ќе може да дознаат повеќе за
лиценците, но и да постават линкови до своите лиценцирани дела.
Порталот на авторите кои немаат можност да ги објават делата на
сопствени сајтови им овоможува и хостирање.
Преку порталот во најскоро време ќе бидат достапни и фотографии, како
и аудио и видео снимки, сите лиценцирани под Криејтив комонс.
Под Криејтив комонс веќе се лиценцирани и достапни дури и многу важни
комерцијални системи како базата на фотографии Фликер – во сопственост
на Јаху, како и Офис на Мајкрософт преку додавка, Опен офис, и Епл со
ајТјунс и ајПод.
Галерија на слики од промоцијата во Струмица
►
Веб-сајтови:
www.cc.org.mk
www.creativecommons.org |
|