Точка

 Што е точка | Архива на настани | Графички материјали |



Амбиентална музика „Аглести синусоиди и други назабени звуци“ од Александар Ников
концерт

13.12.2007, Точка, 20.30

 


Ве покануваме на концертот на амбиентална музика „Аглести синусоиди и други назабени звуци“ од Александар Ников кој ќе се одржи во Културниот центар Точка, во четврток, 13 декември, со почеток во 20:30.
Насловот на концертот е произлезен од средството со кое што е направена музиката - компјутерот. Имено, поради дигиталната природа на генерирањето и запишувањето на звукот, сите звуци, па дури и „најчистите“ синусоидни звуци, претставуваат искршени, скалести бранови (иако при слушање на овие звуци и не се забележува таа назабеност).
Како инструменти се користени виртуелни аналогни синтисајзери и семплери. Аналогните синтисајзери, опремени со голем број алгоритми за бесконечно модулирање на основниот синусоиден звук, даваат можност за генерирање широк спектар на звуци - од нежни ѕвончиња, украдени од музичката кутија, до симулација на звукот на интерпланетарните летала и вонземските џиновски чудовишта. Семплерите, пак, даваат можност за користење кристално чисти акустични звуци и создавање текстури, во иста мера разновидни и апстрактни како и оние од синтисајзерите.
Начинот на кој што сите овие звуци се искомпонирани во една целина се базира врз создавање мелодии. На тој начин се постигнува преобразување на едноставни мелодии во множество од непрепознатливи и аморфни звуци и обратно. Паралелно со тоа, користејќи општи и препознатливи мотиви и, ставајќи ги во, за нив, несвојствен концепт, се добива приказна која што е очигледна и мистична во исто време.
Александар Ников се занимава со музика уште од својата четиринаесетта година, а во меѓувреме дипломира на катедрата за Класични студии на Филозофскиот факултет во Скопје. Членувал во групата Џигерс од 1993 до 1996 година. Во 2005 година го издава оо5 e.p., интернет издание за канадската интернет етикета Camomille. Од 2006 година е член на групата КЛО, а истата година изработува и две получасовни радио емисии за радио мрежата Радиа.фм. Во 2006 година ја реализира изложбата на неиздадени обвивки за ЦД-а, насловена како Released vs. Unreleased.
Со овој концерт почнува програмската активност на проектот „Филантропски шешир“ на НВО Контрапункт. Овој проект е дел од програмата за грантови за филантропија раководена од Центарот за институционален развој (ЦИРа) во рамки на Проектот за зајакнување на граѓанското општество финансиран од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), а имплементиран од Институтот за трајни заедници (ИТЗ). Настанот ќе биде одлична можност посетителите со своја донација да помогнат некој од следните настани што ќе се реализираат во рамки на програмата. Овој прв концерт веќе ја доби поддршката од фирмите Урбан Инвест и Студиото за графички дизајн Кома.лаб.

 

 
   

 


дома

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |