|
|
Проектот
„Филантропски шешир” продолжува со изложбата „Пандорината кутија” на
Дита Старова.
Ве информираме дека во сабота (16 февруари) со почеток во 20:30 во
Културниот центар Точка ќе се изложбата на Дита Старова насловена
„Пандорината кутија”.
Д-р Кокан Грчев за ова дело на Дита Старова ќе каже:
“Пандорината кутија” покажува дека општиме со автор кој поседува
исклучителен усет и потреба за длабоко емотивно осознавање на своето
место, наспроти вистинските димензии на очекуваната идна, зрела
уметничка слобода.
Отворањето на кутијата, тој симболичен чин на воведување во поинаква
духовна сфера и комуникација, потврдува на одреден начин дека
оригиналноста и значењето на современата уметничка пракса не можат да
се сфатат само со анализа на решени или тукушто започнати проблеми
наследени од минатото. Треба да се прифати сознанието дека некои
уметнички прашања веќе не се релевантни. Уметничкото делување не е
непроменлива суштина, туку игра, чија форма, начин на постоење и
функција се менуваат во зависност од епохата и условите.
Соочена со реалната потреба да го искаже сопствениот ликовен
сензибилитет, Дита Старова потврдува дека проектот “Пандорината
кутија” не се доживува само како простор кој треба да се опфати со
поглед. Ова дело се доживува “како траење кое треба да се почувствува,
како вовед во бесконечна расправа... На таков начин, уметноста (како
пракса произлезена од сликарството и вајарството и искажана во вид на
изложба) особено и соодветствува на изразувањето на цивилизацијата на
блискоста, бидејќи го стеснува просторот за меѓучовечки односи...
Изложбениот простор стекнува повластено место при воспоставувањето
моментни колективитети; тој создава специфично поле на односи,
специфичен меѓупростор, во кој уметникот мора да ги прифати
симболичките модели кои ги изложува: секоја претстава (иако
современата уметност повеќе моделира отколку што претставува), се
однесува на некоја од вредностите кои можат да се транспонираат во
рецентниот социо културен контекст. Така, уметноста се претвора во
состојба на среќавање...” (Н. Бурио, Релациона естетика)
Изложбата е дел од програмската активност на проектот „Филантропски
шешир” на НВО Контрапункт. Овој проект е дел од програмата за грантови
за филантропија раководена од Центарот за институционален развој
(ЦИРа) во рамки на Проектот за зајакнување на граѓанското општество
финансиран од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), а
имплементиран од Институтот за трајни заедници (ИТЗ).
Настанот ќе биде одлична можност посетителите со своја донација да
помогнат некој од следните настани што ќе се реализираат во рамки на
програмата. Изложбата се реализира со поддршка на Студиото за графички
дизајн Кома.лаб. |