|
|

Ве покануваме на аудио-визуелната
инсталација Аудиопредели што ќе се реализира во Културниот центар
Точка во среда, 27 февруари, со почеток во 20.30.
Аудиопредели е аудио-визуелна инсталација, во чија основа е принципот
на работа на инструментот Олистаклофони.
Инструментот Олистаклофони е авторски инструмент, измислен од Оливер
Јосифовски во 2000 година. Инструментот е составен од систем на стакла
со различна дебелина, текстура, површина. Инструментот работи на
принципот на повторувачки вибрации (осцилации) на звучното тело
(стакло) во секунда. Тој број на осцилации се вика фреквенција и се
мери со единица мерка херц (Hz). Оваа нус појава што му се случува на
инструментот Јосифовски ја нарекува: Пиезо контактите што вриштат
наспроти кристалната решетка на силициум диоксид (Si O 2), што трепери
и што милува.
Со самиот принцип на работа на инструментот, Јосифовски се обидува да
ја “оживее” микро структурата на стаклото. За тоа користи научни
референци кои се однесуваат на изработка на стаклото како и на
неговиот хемиски состав. Звукот произведен од допирот на стаклото
претставува едно долго патување низ пределите на стаклото.
Формата на инструментот е гранична, тој во исто време е и инструмент и
простор, или простор од стакла кој произведува звук. Проектот
Аудиопредели е замислен да биде надополнет со визуелна приказна за
стаклото.
Во таа смисла е правена сликата за оваа инсталација.
Патување низ пределите на стаклото, преку научни референци за неговата
хемиска и физичка структура, референци кон експерименталната музика, и
автобиографски елементи, до самиот процес на производство на стакло,
со користење документарни снимки .
Крајниот резултат на инсталацијата аудиопредели е гранична форма
помеѓу концерт/перфоманс/видео/дизајн/простор.
При секое ново изведување на концертот важен е просторот за изведување
како и трансформацијата во него.
Во таа смисла проектот АУДИОПРЕДЕЛИ ќе добие ново значење со неговата
трансформација во однос на спецификата на просторот во Културниот
центар Точка.
Настанот е дел од програмската активност на проектот „Филантропски
шешир“ на НВО Контрапункт. Овој проект е дел од програмата за грантови
за филантропија раководена од Центарот за институционален развој
(ЦИРа) во рамки на Проектот за зајакнување на граѓанското општество
финансиран од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), а
имплементиран од Институтот за трајни заедници (ИТЗ).
Настанот ќе биде одлична можност посетителите со своја донација да
помогнат некој од следните настани што ќе се реализираат во рамки на
програмата. Настанот се реализира со поддршка на фирмата Фармахем.
|