Точка

 Што е точка | Архива на настани | Графички материјали |



„Апстрактна политика“ на Зоран Попоски
изложба
 

28.02.2008, Точка, 20.30

 

 

 
 

На 28 февруари 2008 година во Културниот центар „Точка“ ќе биде отворена самостојна изложба на дигиталниот уметник Зоран Попоски, насловена „Апстрактна политика“. На изложбата Попоски ќе се претстави со шест дигитални графики со големи димензии, создадени во 2008 година.
Дигиталните графики од циклусот „Апстрактна политика“ на Попоски ги деконструираат деструктивните баналности на современиот национален и глобален политички систем, користејќи дел од широката лепеза на традиционалните уметнички стратегии на апстракцијата (ослободителната моќ на алеаторноста, хаосот, гестот), истовремено реконтекстуализирајќи ги и преведувајќи ги во јазикот на новите медиуми.
„Каде е политичкото во апстрактната уметност денес? Доволен е само поглед врз меѓународната уметничка пракса прикажана во галериите, музеите, биеналињата за да заклучиме дека тоа во голема мерка отсуствува. Можеби причината за тоа лежи во фактот што во овие времиња на војна и несигурна иднина, уметниците, кустосите и публиката повеќе сакаат одговори (кои разните видови наративна/фигуративна уметност се веднаш подготвени да им ги понудат, дури и во инстант форма), отколку да талкаат без одговор по ничијата земја на апстрактната уметност, која нуди само прашања. Може ли апстрактната уметност денес да се редефинира надвор од својот уметничко-историски контекст и да најде место во современата медиумски посредувана наративна култура? Тоа се прашањата со кои се занимава овој проект“, истакнува Попоски во каталогот за изложбата.
Зоран Попоски (р. 1974) има реализирано десетина самостојни и низа колективни изложби во САД, Германија, Франција, Италија, Турција и Македонија. Остварил и студиски престои во САД и Австрија.
Настанот е дел од програмската активност на проектот „Филантропски шешир“ на НВО Контрапункт. Овој проект е дел од програмата за грантови за филантропија раководена од Центарот за институционален развој (ЦИРа) во рамки на Проектот за зајакнување на граѓанското општество финансиран од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), а имплементиран од Институтот за трајни заедници (ИТЗ).
Настанот ќе биде одлична можност посетителите со своја донација да помогнат некој од следните настани што ќе се реализираат во рамки на програмата. Настанот се реализира со поддршка на фирмите Вирмилион и Фармахем.


 


дома

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |