|
|
Во просторот каде што граматиката на јазикот подлежи на
законите на бојата, можеме да создаваме бескрајни синтаксички играрии,
кои од тишината, од невербалното ќе создадат едновремено и замка но и
ослободувачки хоризонт. Тишината на боите што Тања Миљовска ја создава
говори со јазик кој е утеха. Приказната што таа ја ткае е приказна во
која не се плашите да останете сам, бидејќи експлицитнно ви се укажува
дека спектарот на боите, на проѕирноста на објектот, создаваат пејзаж
во кој можете да ја огледате во разни перспективи својата убавина и
убавината на другоста кои можеби се скриле во сенката на доминантното
информатичко доба кое манипулира со привидот на изобилноста.
„Празнината” што Миљовска ја отсликува е всушност голем подвиг, не
само творечки туку и духовен, бидејќи нејзината креација на
„отсутното” го оприсутнува сето она што постои длабоко во нас, а сме
заборавиле дека е таму.
Миљовска нуди жанровски раскош кој едновремено повикува на двојно
соочување: во едноставната синестезија на бојата која го произведува
звукот на тишината, реципиентот нужно трансцендира допирајќи го сето
она што секојдневието му го „краде”, од една страна, и од друга
страна, повикани сме на ненаметлива но одговорна авантура во која
авторката нежно но одлучно со својот концепт и со својата приказна нe
повикува да ја откриеме и да ја прифатиме нашата нова, можна приказна.
Искра Гешоска |